Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против три лица за кои постои сомнение дека во повеќе наврати извршиле кривично дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“ од член 188 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
 

Како што соопшти вечерва Јавното обвинителство на Република Македонија, детето по наредба на Обвинителството е згрижено од страна на Центарот за социјални работи, а надлежниот јавен обвинител достави предлог до Основниот суд Гостивар за определување краткотраен притвор за трите лица.

Во вршењето на половиот напад учествувале осомничените, но и други лица за кои во моментов се преземаат дејствија за нивно пронаоѓање и идентификација.

-Ценејќи дека се исполнети условите  предвидени во член 170 од Законот за кривична постапка, а особено земајќи ги предвид видот и висината на запретената кривична санкција – казна затвор од најмалку 12 години за ова кривично дело, надлежниот јавен обвинител достави предлог до Основниот суд Гостивар за определување на краткотраен притвор за трите лица, наведува Јавното обвинителство на Република Македонија.

Детето  на возраст од 13 години било во повеќе наврати злоупотребувано од страна на возрасни лица. До овој момент е утврден идентитетот на петмина сторители, од кои тројца се лишени од слобода, за двајца е распишан распис за нивно пронаоѓање. Надлежниот јавен обвинител издаде наредби и насоки за натамошно утврдување на меѓусебната поврзаност помеѓу инволвираните осомничени. Според првичните информации  постои веројатност во предметот да бидат опфатени и други лица.

Во моментов согласно на издадена наредба на надлежниот јавен обвинител се вршат бројни вештачења,  преку кои ќе бидат обезбедени докази и ќе се добијат насоки за утврдување на фактите во кривично правниот настан.

Основното јавно обвинителство Гостивар во континуитет продолжува да презема интензивни активности за целосно расчистување на кривично правниот предмет.​