Потврдена ликвидацијата на еден од убијците на Жељко Ражнатовиќ-Аркан во Јужна Африка. Мистериозно убиство во Белград дополнително ги разбранува духовите меѓу криминалците

Министерството за внатрешни работи на Србија потврди дека Милан Ѓуричиќ е ликвидиран во Јужна Африка. Тој беше еден од тројцата осудени за убиството на озлогласениот командант на српските паравоени формации Жељко Ражнатовиќ-Аркан и двајца негови пријатели. Информацијата за смртта на Ѓуричиќ излезе во медиумите на крајот на минатиот месец, а сега таа е официјализирана преку споредување на отпечатоците на прстите на убиениот со тие во дата-базата на српската полиција.

Oрганизирана ликвидација

Милан Мики Ѓуричиќ (47) на средината на април беше изрешетан во главниот град на провинцијата Гутенг, Јоханесбург, Јужна Африка. Некои медиуми шпекулираа дека тој во моментот на ликвидацијата бил на пат да се сретне со уште еден бегалец и припадник на Земунскиот клан, Милан Глишовиќ, попознат како Дебелиот Мики. Ѓуричиќ по нападот бил убиен на самото место, а полицијата на неговото тело успеала да пронајде белгиски документи. Убиецот на Аркан се наоѓаше во бегство од 2006 година, кога српските власти го осудија на 30 години затвор поради соучество во убиството на Жељко Ражнатовиќ во јануари 2000 година.

Според информациите од местото на настанот, бел автомобил го следел црвениот џип во кој се наоѓал Ѓуричиќ и тој автомобил му го попречил патот, а од него, според очевидците, истрчале три вооружени лица, кои со пушки со голем калибар отвориле оган на возачот на џипот. Сведоците на настанот за полицијата во Јоханесбург велат дека Милан Ѓуричиќ бил погоден во вратот и во градите. Според добро упатени извори, тој веќе со години работел во Јужна Африка и основал неколку фирми, а наводно во оваа држава имал и фабрика за оружје. Тој исто така ја организирал и ја финансирал одбраната на повеќе луѓе што биле поврзани во случајот со Аркан.
Во целата ситуација се појавува и името на Милан Глишовиќ, поранешен припадник на Земунскиот клан, кој е избеган во Јужна Африка, откако Специјалниот суд на северниот сосед го осудил на 32 години затвор како член на оваа криминална групација. Името на Глишовиќ се појавува во медиумите во 2003 година, кога полицијата утврдила дека тој е вмешан во повеќе ликвидации на истакнати членови од белградското подземје. Тогаш властите откриле и дека тој е дел од криминална групација на повеќе луѓе што извршувале различни криминални дела и ликвидации. Оттогаш тој се наоѓа во бегство и се шпекулира дека исто така дејствува во Јужна Африка, па така тој директно се поврзуваше со Ѓуричиќ.

Криминално минато

Пред да биде вклучен во убиството на Аркан, Милан Ѓуричиќ во светот на криминалот бил практично непознат. Тој во овие кругови влегува преку негов роднина и започнува да го бара своето место под сонцето. Но, пред да учествува во „фамозното“ убиство, Ѓуричиќ бил обвинет за кражба на автомобил во Германија, а делото подоцна било преквалификувано во прикривање на осомничени што се вклучени во кражба. Се смета дека тој и уште шест луѓе украле автомобил со намера да го продадат. Подоцна во процесот обвинето е само едно лице, а случајот против него застарел и судот ја повлекол потерницата.
По убиството на Жељко Ражнатовиќ и двајца негови пријатели во хотелот „Интерконтинентал“ на 15 јануари 2000 година, обвинителството ги сомничи Ѓуричиќ и Добросав Гавриќ, кој е егзекуторот на трите жртви. Двајцата осомничени минале повеќе од една година во притвор и во октомври 2001 година е изречена првата пресуда, со која Гавриќ е осуден на 20 години затвор, додека неговите соучесници Ѓуричиќ и Драган Николиќ-Гаги „добиле“ 15 години затвор. Другите помагачи во овој случај заработиле многу пониски казни.

На крајот на 2002 година, Врховниот суд во Србија ги поништува пресудите и наложува ново судење, кое е прекинато поради екстрадицијата на Драган Николиќ, кој тогаш бил во бегство. Во октомври 2003 година, осомничените се пуштени да се бранат од слобода, поради тоа што укинувањето на првостепената пресуда изминало повеќе од една година, а во меѓувреме не е донесена нова пресуда.
Во периодот од кога излегле од притвор до нивното бегство, Ѓуричиќ и Гавриќ повеќе пати биле забележувани заедно во белградски ресторани и кафе-барови. Упатените во ова милје се потсетуваат дека за разлика од Гавриќ, кој им бил добро познат и на полицијата и на разните криминални групации во белградското подземје, Ѓуричиќ бил релативно анонимен пред настаните во „Интерконтинентал“.

Живот во бегство

Гавриќ во 2006 година е осуден на 35 години затвор како непосреден извршител на убиството на Аркан. Покрај него, на по 30 години затворска казна се осудени Милан Ѓуричиќ-Мики и Драган Николиќ-Гаги. Од нив тројца, само Николиќ се нашол зад решетки. Според непотврдени информации од кругови блиски на тројцата осуденици, Ѓуричиќ и Гавриќ пред да стане пресудата правосилна веќе избегале преку свои канали во Јужна Африка. Живееле во непосредна близина, но за разлика од својот соучесник, Ѓуричиќ не бил доволно способен да функционира во непозната средина.
Гавриќ бил уапсен во Јужна Африка на 21 март 2011 година, откако е ранет во локален мафијашки судир, а за време на неговата хоспитализација му е утврден вистинскиот идентитет. Според пишувањата на медиумите од Јужна Африка, Гавриќ е одбиен за азил во оваа земја и сега има статус на бегалец.

Различни извори потврдија дека Ѓуричиќ, кој по потекло е од градот Лозница во Србија, од октомври 2006 година, кога е осуден, не е виден во својот роден град. Тој таму има мајка и две сестри, додека неговиот татко починал пред неколку години. Според неофицијални извори, додека бил во Јужна Африка, цело време бил во контакт со неговото семејство и се грижел за нив, но по бегството веќе не ги видел и за него повторно се дознава сега, по неговата ликвидација.
Повторното разгорување на овие меѓусебни мафијашки пресметки и ликвидации само ги потврдува сомневањата на полицијата дека сè уште не се расчистени сите мафијашки сметки на Балканот, а особено кај северниот сосед. 


Убиството на Дармановиќ неповрзано со настаните од пред еден месец

Неодамнешното убиство на Горг Дармановиќ во Белград повторно ги разбранува медиумите и многу познавачи на состојбите сметаа дека ликвидацијата е поврзана со убиството на Ѓуричиќ во Јужна Африка. Главната причина за ова поврзување беше долгиот престој на Дармановиќ во Јужна Африка и неговото дејствување во оваа земја.
Од друга страна, јужноафрикански веб-сајт објави дека Дармановиќ е ликвидиран поради тоа што бил извор на информации за книгата во која се обелоденети даночните афери на поранешниот претседател на Јужна Африка, Џејкоб Зума. Поврзаноста на балканското и јужноафриканското подземје е голема и соработката меѓу криминалните групи очигледно сè уште постои.