Специјализиран хеликоптер за гаснење пожари „Канадер Т21″ пристигна од Романија, а напладне се очекува и авион „Хекрулес 530″, кој е со најсовремена опрема. Авионот носи и придружна противпожарна опрема, пожарникари и други пропратни материјално-технички ресурси, соопшти помошник-раководителот на Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, Марија Милкова, на денешната прес-конференција, додавајќи дека помошта ќе биде распределена таму каде што е најкритично.
Авионот „Хекрулес 530″ е товарен и е прилагоден дополнително за гасење на пожари, како што појасни раководителот на Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, Горан Стојановски, нагласувајќи дека оперативниот центар ќе одлучи од каде овој авион ќе се полни со вода, имајќи предвид дека со прописите на УНЕСКО тоа е забрането на Охридското Езеро.
Сите расположливи материјално технички ресурси и голем број човекови ресурси се испратени во правец Пехчево-Берово, каде утрово дејствуваат и хеликоптерите. Испратени се екипи и од Делчево кон Разловци. Во Штип на терен се пожарникари, 35 војници и претставници на шумско стопанство, откако таму се реактивираше пожарот. Во Прилеп, пак, се активни два пожара.