Одложено е утрешното рочиште за предметот „ТНТ“, во кој обвинет е поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, бидејќи тој се наоѓа во самоизолација откако бил во контакт со заразено лице со ковид-19, соопшти Кривичниот суд.
– Заради интерес на медиуми и невладините организации кои ја следат главната расправа за предметот со КОК бр. 57/17 од обвинителството означен како „Т.Н.Т.“, Основниот кривичен суд Скопје ја информира јавноста дека до судот е доставено известување од обвинетиот М.Ј., според кое истиот со решение на Здравствените власти е задолжен со домашна изолација заради контакт со заразен од вирусот КОВИД – 19.
Заради тоа утрешната расправа за предметот „Т.Н.Т.„ се одлага, а следното продолжение на расправата е насрочено на 4.11.2020 година во 10:00 часот за што веќе се известени странките во постапката – се вели во соопштението од судот.
Јанакиески денеска не се појави ниту на судењето за предметот „Траекторија“. Случајот „Траекторија“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Горан Бошевски, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова. Во оваа афера обвинети се Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на Ј.П. „Државни патишта“ Љупчо Георгиевски, како и против поранешниот премиер Никола Груевски.
Јанакиески е обвинет и во „Талир“, „Титаник“, „Топлик“, „Шпански скали“, а е првостепено осуден за „Шамарите во Центар“. Од обвинителството велат дека и покрај тоа што Јанакиески е во самоизолација, во ниту еден од предметите за скоро време не му застарува делото по кое тој е обвинет.