Мајката од случајот со вчерашниот пожар во Гостивар е осомничена поради груба повреда на семејните обврски поради што настапила смрт на нејзиното дете, информираат од Основното јавно обвинителство Гостивар.
Триесет и шестгодишната жена го малтретирала своето дете на возраст од 7 години, кое го врзувала со синџир и катанец за креветот.
– На 16 март во станот во кој престојувало семејството избувнал пожар, a затоа што било врзано за креветот детето не успеало да го напушти домот и го загубило животот. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од основниот суд во Гостивар достави и предлог за определување мерка притвор за мајката – соопштија од Обвинителството.
За наведеното кривично дело во Кривичниот законик е предвидена казна затвор од најмалку пет години.
Во меѓувреме, сè уште се работи на утврдување на причините за пожарот, информират надлежните.
Според информации од таму, останатите малолетни деца на осомничената се згрижени преку Центарот за социјална работа во Гостивар.