Скопското обвинителство поведе постапка против лицето кое беше уапсено пред три дена од страна на полициска службеничка, која пливаше по него во Вардар за да го фати.
Од Обвинителството јавија дека станува збор за 44-годишен жител на Скопје кој е осомничен за извршување на тешка кражба.
Осомничениот на 25 мај и на 5 јули извршил две тешки кражби на дрзок начин, одземајќи накит од минувачи додека се движеле по улица.
Како што јавија од Обвинителството, откако крадецот ќе ги забележал жртвите, започнувал со следење се додека не се увери дека во нивна близина нема други лица. Во тој момент осомничениот се доближувал и од вратот на оштетените го кинел и одземал накитот – златни ланчиња. Во вршењето на кривичното дело на 25 мај учествувало уште едно, засега непознато лице.
Тој бил совладан од страна на полицајката по извршувањето на втората тешка кражба, кога бил забележан и започнал да бега скокајќи во Вардар. По него скокнала и полициската службеничка која пливајќи успеала да го стигне и приведе на другата страна од реката во близина на зградата на Основното јавно обвинителство.
Од Обвинителството до надлежниот суд доставија предлог на осомничениот да му се определи мерка притвор.