Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната прес-конференција истакна дека денеска ќе контактира со семејствата на лицата кои загинаа во страшната несреќа на автопатот „Струма“.
– Денеска ќе контактирам со семејствата, бидејќи сакам да знам кои се нивните очекувања во однос на пренесувањето на телата и процедурите понатаму за да можеме да го направиме овој акциски план – истакна Османи.
Османи посочи дека се во постојана комуникација со бугарските власти и веќе се прават подготовките и плановите околу преносот на телата и целата процедура натаму.
– Јас вчера имав еден подолг состанок овде во Министерството за да ги утврдиме сите детали. Се разбира работиме според проценките кога би можело да заврши процесот на идентификација. Беше најавено една недела од случувањето на несреќата, меѓутоа има различни проекции – додава Османи.