Семејното насилство е еден комплексен феномен, кој и покрај модерното време во кое живееме сѐ уште е дел од секојдневието, а бројот на жртвите се зголемува. Овој вид насилство низ годините прогресира, а бројката на вршители и жртви на семејното насилство од година на година расте. Годинава до септември во Македонија се регистрирани 795 жртви на семејно насилство, од кои 630 се жени, а 165 се мажи. Податоците на Министерството за внатрешни работи за 2017 година велат дека биле регистрирани 973 жртви на семејно насилство, од кои 756 се жени, а 217 биле мажи. Статистиките само укажуваат дека сѐ уште најчеста жртва на семејно насилство претставуваат жените.
– Живееме во општество каде што жените, но и голем дел од општеството, го толерираат насилството особено психолошкото и сексуалното, свесно или несвесно, обидувајќи се да „рационализираат“ дека „тоа е улогата на жената и таа треба да трпи“ – што секако е недозволиво и сосема погрешно. Неопходни се едукација и издигање на свеста дека семејното насилство не е само физички напад – психолошкото насилство, заканите, негативните коментари, економското насилство и сексуалното насилство се исто така форми на семејно насилство и се апсолутно недозволиви – вели психологот Јасмина Јонуз, магистерка по советодавна психологија.
Во едно современо општество, кон кое ние тежнееме, постојаниот пораст на бројките за семејното насилство се загрижувачки. Силвија Митревска, претседателка на граѓанската асоцијација ТАКТ од Скопје, во својата колумна за „Нова Македонија“ наведува дека спроведеното истражување во земјите на Западен Балкан покажало дека 40 проценти од жените страдаат од физичко насилство, а над 50 проценти од психичко насилство. Со други зборови, секоја трета жена може да биде жртва на родово базирано насилство, а секоја втора е тероризирана во својот дом.
Психолозите сметаат дека се потребни кампањи за издигање на свеста за семејното насилство на локално и на национално ниво.
– Дефинитивно се потребни едукација и издигање на свеста за формите, причините и последиците од семејното насилство. Особено е важно да се издигне свеста за фактот дека семејно насилство не е само физичко и може да се јави во различни форми, за потоа да се препознае и да се побара помош. Семејното насилство е казниво со закон и жртвата, но и секој граѓанин, може да го пријави. Особено позитивно и мошне важно за нашето општество е фактот дека во РМ неколку организации се борат против семејното насилство и им нудат поддршка на жртвите. Без разлика дали жртвата ќе се обрати во центар за социјална работа, полиција, некоја од невладините организации или бесплатни СОС-линии, таа ќе добие помош, бесплатно психолошко советување па дури и привремено место на живеење. Најбитно е жртвите да не молчат и да пријавуваат, тоа има огромен придонес во борбата против овој феномен и детабуизирање на подигањето на гласот против кој било вид семејно насилство – вели Јасмина Јонуз.
Разните студии што го истражуваат проблемот со семејно насилство велат дека една од целните точки е препознавање и пријавување на семејното насилство, како и давање безрезервна поддршка на оние на кои им е најпотребна – жртвите на семејно насилство. Причината за ваквиот пристап е затоа што најчестите форми на семејното насилство се пројавуваат како физичко и психичко насилство. Физичкото насилство како највидлива форма на семејното насилство, подразбира употреба на физичка сила од страна на насилникот врз жртвата вклучувајќи ги и заканите за употреба на сила.
Зачестеноста на поединечното манифестирање на физичкото насилство, ја прави оваа појава потешка и поопасна. Според студијата „Живот во сенка“, жените жртви во нашата земја се жртви на повеќекратно физичко насилство. Физичкото насилство некогаш преминува од телесни повреди во потешки повреди и убиство. Според МВР, изминатата година биле извршени 538 кривични дела со телесни повреди од кои 16 се со потешки повреди и имало шест убиства.
Психолошкото насилство врз жената се врши преку контрола на движењето и контактите на жената, љубомора или посесивност, како и со однесување што предизвикува емоционални или психички маки и страдања на жената. Најчест облик на психичко насилство во нашата земја е контролата на движењето и на контактите што ги остварува жената.
– Барајќи ги причините за семејното насилство особен фокус треба да дадеме на два аспекта, психолошкиот и социолошкиот аспект на семејното насилство. Патријахалните вредности, кои нашето општество сѐ уште ги негува, се едни од причините што ги отежнуваат превенцијата и свеста за семејното насилство. Друг аспект, кој никако не можеме да го заобиколиме, е структурата на личноста на насилникот, која без разлика на контекстот има тенденции да го манифестира своето однесување. Без разлика дали станува збор за трауматично детство, неадекватен модел на родителство или психопатска структура на личност, треба да се работи на зголемување на свеста за овој феномен и кај жртвата и кај насилникот, за адекватна поддршка и негово спречување – објаснува Јасмина Јонуз.
Според изнесените информациите од Заводот за социјални дејности – Скопје, во 2008 година имало 300 регистрирани жртви на семејно насилство, од кои 81 отсто се жени, а 19 отсто се мажи. Ако се погледне статистиката пет години, ќе се заклучи дека постојано расте бројот на сторители и на жртви.
Во 2013 биле евидентирани 433 жртви и 196 сторители, а во 2014 година – 563 жртви и 289 сторители. Според анализата на податоците за 2013 и 2014 година, постои зголемување од 50 отсто за сторители и 30 отсто за жртви од семејно насилство. Во 2014 година беше донесен Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, со што претходните законски одредби, кои се однесуваат на проблематиката на семејно насилство беа споени во еден закон. Овој закон предвидува забрана на секаков вид насилство меѓу членовите на семејството, без оглед на полот и возраста. Но иако со воведувањето на овој закон се прави чекор напред за регулирање на овој проблем, сепак и понатаму низ годините семејното насилство расте.
Споредените расположливи податоците од претходните години, наведуваат на заклучок дека Македонија има сериозен проблем со семејното насилство и дека бројот на жртвите и на насилниците низ годините се зголемува. Жените претставуваат најчеста група врз која се извршува насилството, а мажите најчесто се вршители на семејно насилство. Доколку не се справиме со проблемот, тој може да предизвика длабоки општествени импликации.
Советување за намалување на врсничкото насилство
Советување за методите за намалување на врсничкото насилство се одржа во Младинскиот културен центар во Скопје. Тоа е дел од кампањата „Другаризација“, која поттикнува пријателството, едукацијата и споделувањето информации за борбата против врсничкото насилство. Клучните совети ги дадоа експертите и организациите како Бојан Кардалов, експерт за сајбер-безбедност, Здружението на млади правници, „Проект среќа“, младинската организација „Поема“, здружението на граѓани „Хесед“, Евангелско-протестантската иницијатива, здружението на граѓани „Еден свет“. Исто така на советувањето се придружија и хуманитарната организација АГАПЕ, „Искра“, Институтот за брак семејство и Системска пракса-алтернатива и други.
На акцијата за намалувањето на врсничкото насилство ѝ се придружија многу лица и организации. Од големо значење е поддршката од младите македонски јутјубери Изабела Пан, 100јан, Бамбо, Боби Бит Бокс, Лорд оф Фејлс, Никола Артс Хоусе, Марта Девилиш, Слик, Чика Тандер.