Психолошкото насилство со 56 проценти од пријавените насилства е најзастапениот облик. Во медиумите често се зборува за физичкото насилство и неговата превенција, но се добива впечаток дека голем дел од нашето општество има толеранција кон психолошкото насилство потценувајќи ја неговата сериозност, особено во руралните средини или кај семејствата во социјален ризик
Кога се зборува за насилството врз жената, вообичаено прва асоцијација претставува физичкото насилство. Но психолозите велат дека првото и најчестото насилство со кое се соочуваат жените во нашето општество е психичкото насилство. Истовремено овој вид насилство може да претставува отскочна штица за другите видови насилство.
Во нашето општествено уредување сѐ уште опстојува патријархалниот стил на семејни заедници. Во ваквите видови семејства, жената има подредена улога, нема толку права и нејзиното мислење не се почитува. Можеби звучи чудно да се зборува за вакви теми во едно современо општество, но според психолозите на нашите простори во секојдневната комуникација може да се забележи дека сѐ уште постојат остатоци од ваков вид општествено дејствување и размислување.
– Дефинитивно особен фокус треба да му дадеме и на психолошкото насилство. Во медиумите често се зборува за физичкото насилство и неговата превенција, но се добива впечаток дека голем дел од нашето општество има толеранција кон психолошкото насилство потценувајќи ја неговата сериозност, особено во руралните средини или кај семејствата во социјален ризик. За жал, и во модерното време во кое живееме сѐ уште во одредени контексти се задржуваат „патријархалните“ вредности и ставот дека улогата на жената е да служи и трпи, што, секако, е недозволиво. Меѓу другото мошне често сегменти од психолошкото насилство, секако во различна конотација и друг контекст, се суптилно вметнати и во начинот на изразување и хуморот на балканските народи, а верувам дека тоа може да придонесе за отежнато детектирање и толеранција на истите тие – вели Јасмина Јонуз, магистерка по советодавна психологија.
Кога секојдневно се забележуваат негативни коментари, пцости или други видови несоодветни коментари кога станува збор за секојдневниот меѓусебен однос на мажот кон жената, тогаш може да се заклучи дека сѐ уште опстојуваат тие „патријархални“ вредности. Некои од луѓето, мажи или жени, не сфаќаат дека тоа претставува еден вид насилство. Но проблемот се продлабочува кога сѐ почесто се прифаќаат овие вредности и стануваат одреден стандард за однесување. Според наодите од истражувањето „Живот во сенка“, психолошкото насилство со обем од 56 отсто има најзастaпен обем на пријавено насилство и секоја втора жена била жртва на такво семејно насилство (ECE, 2006). Спроведеното истражување во земјите на Западен Балкан покажало дека 40 проценти од жените страдаат од физичко насилство, а над 56 проценти од психичко насилство. Овие податоци покажуваат дека ваквиот проблем претставува општествен проблем.
– Неопходни се едукација и издигање на свеста дека семејното насилство не е само физички напад – психолошкото насилство, заканите, негативните коментари, економското насилство и сексуалното насилство се исто така форми на семејно насилство – вели Јасмина Јонуз.
Но вообичаено најчесто психичкото насилство е првиот вид насилство, кој понатаму може да се развива во разни облици, како во физичко насилство. Според тоа треба да се обрне внимание и да не се занемарат сите навидум полесни насилства, како вербалното, кое кај нас е многу застапено, додаваат психолозите. Доколку се продолжи и се дозволи ваквиот пристап, овие полесни форми брзо може да прераснат во посериозни форми на насилство. Доколку не се реагира соодветно во некои случаи и физичкото насилство некогаш прераснува во телесни повреди, но и убиство. Според МВР-Скопје, во 2017 година биле извршени 538 кривични дела со телесни повреди од кои 16 се со потешки телесни повреди и 6 убиства.
Исто така, вршењето насилство, освен што може да доведе до сериозни здравствени или психички последици, најголемите последици ги предизвикува кај децата-сведоци, кои го трпат тоа и кај кои може да дојде до емоционално нарушување и промена во однесувањето, се наведува на страницата на Светската здравствена организација.
Од информациите на повеќето истражувања се потврдуваат премисата дека е потребен поголем фокус кон психолошкото насилство во нашата земја. На овој начин може да се влијае и да се оневозможи преминот од еден во друг посериозен вид насилство. Но за да се овозможи ова, потребно е информирање и мотивирање на жртвите за негово препознавање и пријавување на тие што го вршат насилството. Потребни се издигање на свеста и вршење на поголема едукација кај граѓаните за насилството.