И спортот и спортското навивање не се она што беа некогаш. Од спортското навивање, сѐ повеќе станува важен облогот со кој луѓето се обложуваат за спортските натпревари, тимовите, играчите… А голем дел од тој феномен е и нелегалното обложување, чии „краци на октопод“ достигнуваат глобални размери. Операцијата на Интерпол, со кодно име „SOGA VIII“, што всушност е кратенка за фудбалско обложување, одведе до стотици рации и апсење на околу 1.400 осомничени во Азија и во Европа. Властите пронајдоа 7,9 милиони американски долари во готово, како и компјутери и мобилни телефони поврзани меѓусебно, со околу 465 милиони американски долари во процес на обложување. Илегалното обложување генерира значителна нелегална заработувачка низ мрежите на организираниот криминал, кој честопати е поврзан со други криминали, како што се перење пари и корупција

Глобална акција на Интерпол против нелегалните спортски обложувања

Нелегалното коцкање е нешто што отсекогаш било атрактивно за луѓето на кои хазардните игри „им ја забрзуваат крвта во вените и ги држат возбудени, одржувајќи им го нивото на адреналин на високо ниво“. Можеби уште повозбудливо за нив е тоа што се обложуваат на црно, на нелегален начин, спротивно на утврдените прописи за овој вид „игри на среќа“. Оние што ги организираат ваквите обложувања заработуваат големи суми за кои не плаќаат никакви давачки. Во таквите игри во кои има малку правила и не се регулирани од државите, многу често „играчите“ хазардерски како залог ставаат куќи и автомобили, па цели семејства остануваат на улица поради адреналинот на поединецот.

ЕВРОПА И АЗИЈА ЦЕНТАР НА СВЕТОТ ЗА ИЛЕГАЛНО ОБЛОЖУВАЊЕ

Додека многумина од нас како обожаватели уживаа да го гледаат Европското првенство во фудбал, илјадници специјализирани полициски службеници низ 28 држави ги таргетираа нелегално организираните криминални групи, кои се обидуваа да заработат милиони од илегално обложување и перење пари поврзани со фудбалските натпревари.
Операцијата „SOGA VIII“, што всушност е кратенка за фудбалско обложување, одведе до стотици рации и апсење на околу 1.400 осомничени во Азија и во Европа. Властите пронајдоа 7,9 милиони американски долари во готово, како и компјутери и мобилни телефони поврзани со околу 465 милиони американски долари во обложување.
Илегалното обложување генерира значителен профит за мрежите на организиран криминал, кој честопати е поврзан со други криминали, како што се перење пари и корупција.
Оваа операција беше координирана од секторот за финансиски криминал и антикорупција на Интерпол, со поддршка од Азиско-пацифичката експертска група за организиран криминал.
Само полицијата во Хонгконг приведе приближно 800 осомничени, откривајќи околу 2,7 милиони американски долари во готово, а беа пронајдени и докази за стотици милиони долари во облози. Со ова откритие, оваа операција е една од најуспешните против илегалното обложување.
– Нашето колективно искуство ни помогна да го откриеме илегалното обложување за време на ЕУРО 2020, тоа нѐ доведе до криминалните групи што генерираат голем профит – истакна Вонг Ваи, шеф на полицијата на Хонгконг и предводник на Азиско-пацифичката експертска група.
Според директорот на секторот за економски и финансиски криминал на Интерпол, Роберто Рибаудо, италијанската полиција ја предводела операцијата, која резултирала со инспекција на 28 обложувачници, за што биле изречени повеќе од 1,3 милион евра парични казни за илегално обложување.
Со оваа акција беа откриени не само илегални обложувања туку и зголемена активност на онлајн платформите за играње, форуми и социјални мрежи, каде што индивидуалците нуделе дојави за обложување за оние што сакале да отворат онлајн банкарски сметки за трансфер на пари.
Од почетокот на акцијата, повеќе од 19 илјади лица се уапсени, 63 милиони евра се запленети, а повеќе од четири илјади обложувачници се затворени.

МАКЕДОНИЈА НЕМА ИЛЕГАЛНО ОБЛОЖУВАЊЕ?!

Македонија засега нема регистрирано вакви случаи на илегално обложување, иако можеби е извесно дека истите тие ги има, но добро се затскриени зад законот, па полицијата сѐ уште не ги открила.
Минатата година, Основното обвинителство во Гњилане, косовската полиција и Полицискиот инспекторат на Косово реализираа операција во косовското село Карачево, во која биле откриени илегално коцкање, шверцување луѓе, шверцување оружје, шверцување наркотици, шверцување стока и други криминални активности.
Во операцијата беа приведени 33 осомничени лица, меѓу кои и десет полициски службеници, а запленети беа машини за коцкање, како и други материјални докази, кои, според претпоставките, биле користени за криминални активности.
Полициските власти тогаш изјавија дека тоа е најголемата операција од овој тип во Косово и пример на соработката меѓу обвинителството, полицијата и полицискиот инспекторат.