Татјана Стојановска истакна дека на нејзино име има стан на улица „Бихаќка” и уште еден до него, на име на фирма чија управителка е таа, но нагласи дека становите не се нејзини, туку на трето лице, во нејзиното сведочење во денешното рочиште за судскиот случај „Плацови на Водно“. Стојановска посочи и дека е сопственичка и управителка на фирмата ИТК „Инжинеринг“, основана 2008-2009 година од причина за да се учествува на јавен тендер, на кој било купено градежно земјиште на Водно, како и дека на ова правно лице бил запишан уште еден стан на улица „Бихаќка”.
Според обвинението, поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, додека неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Орце Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
– Директорот дојде и кажа дека треба да се купи стан за поранешниот премиер Никола Груевски, заради прислушување да нема некои несакани комшии, значи само да се фигурира – објасни Стојановска, додавајќи дека таа никогаш не влегла во станот, ниту пак дала пари за него.
Стојановска рече и дека никогаш не се сретнала, ниту телефонски разговарала со Никола Груевски, на прашање на бранителот по службена должност, на поранешниот премиер. Таа кажа оти само може да претпостави дека становите се на Груевски, одговарајќи на прашањето дали е сигурна дека становите се негови.
На денешното рочиште прво беше сослушан сведокот Бисерка Јовковска Ќаева, која заедно со сопругот купила стан од 57 квадрати на улица „Бихаќка”, кој потоа го продале. Таа истакна дека лично не се видела со премиерот, туку со некои негови луѓе кои биле овластени се договориле за цената и потоа отишле на нотар.
Беше сослушан сведокот Илија Гечев, сопственик на ИГМ „Трејд“, кој рече дека во 2012 година разговарал со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески за земјиште на Водно.
Случајот го води судијата Илија Трпков, а обвинителката Стефанова е застапничка на обвинението.