Пратеничката Фросина Ременски за обвинението дека е вмешана во случајот „Меѓународен сојуз“ рече дека дознала од медиумите, пришто одлуката ја оцени како избрзана и апсурдна, бидејќи нема докази против неа.
Во однос на ситуацијата, вели дека ќе го истурка целиот мандат како пратеничка до крај, и не очекува иницијатива за негово одземање.
– Апсурдно ќе биде за секој политичар во иднина, кој ќе се обиде да даде поддршка на граѓанска иницијатива или идеја, да биде осомничен или обвинет, а притоа пратеникот или политичарот имал повисока благородна цел. Затоа најавувам реформи на јавното обвинителство и очекувам соработка со новиот министер за внатрешни работи, но и шанса опозицијата да покаже конструктивност. Убедена сум дека во оваа смешна постапка, на крајот ќе се види дека нема доволно докази – рече Ременски.
Таа додава дека зад целата ситуација се кријат игри за политички елиминации, но притоа не посочи имиња и извор за таа цел.
– Порачките за политички елиминации се се уште функционални. Одредени структури имаат политички амбиции за ваква цел, а доказ во таа насока е што овој настан се случува на денешен ден – рече Ременски.
Воедно кажа дека нејзините политички активности за изборите се замрзнати, но дека нема ништо против тоа што не учествува во подготовката на изборниот процес.