Откако претходно два дена правеше увид во доказниот материјал на обвинителката Вилма Русковска, денеска пратеничката Фросина Ременски ќе треба да даде исказ за случајот со Меѓународниот сојуз, чија истрага е завршена. Ременски вчера рече дека во материјалите кои ѝ биле дадени на увид видела сè освен докази.
Таа не сакаше да одговори дали се има среќавано со бизнисмените кои се оштетени во случајот со Меѓународниот сојуз. Не сакаше да коментира ниту за 750 илјади евра кои наводно ѝ биле префрлени на сметка кај пензионерка од Скопје.
Ременски по распитот се обиде да се оправда за петокот, велејќи дека не бегала од новинарите, односно дека не знаела оти тие ја чекаат.
Таа е осомничена дека помагала во извршувањето на кривичните дела измама и перење пари за кои се осомничени пет физички лица, и тоа, заменик-претседателката на Меѓународниот Сојуз – Јасна Мандиќ, таткото на Бојан Јовановски – Миле Јовановски, асистентката на Јовановски – Кристина Блажевска, како и самиот Бојан Јовановски.
Ременски остана и без пасош, а има и забрана да го напушти Скопје како мерка на претпазливост. Обвинителството одзеде два телефони, но и компјутери и други предмети при претрес во нејзиниот дом.
Обвинителката Вилма Русковска најави обвиненија на почетокот на новата година.