Безживотното тело на 26-годишниот голман на ракометниот клуб Охрид и повремен македонски репрезентативец, Никола Даниловски, утрово било пронајдено во Охридското Езеро, пренесуваат медиумите. Според информациите на охридската полиција, на телото не се забележани траги од насилство.
Даниловски исчезнал синоќа околу 21 часот по тренинг со неговиот клуб, а неговото безживотно тело утрово било пронајдено во водите во близина на туристичката населба Лагадин.
– Последен поздрав од Ракометниот клуб Охрид за голманот Никола Даниловски-Џамбо. Засекогаш ќе бидеш еден од нас! – се прости од Даниловски неговиот клуб ГТК Охрид.
Поради неговата трагична смрт, одложен е денешниот меч меѓу Охрид и Струга од ракометната Суперлига.
Даниловски во својата кариера претходно бранеше и за Металург и за Пелистер.