Семејно насилство може да се пријави и во центрите за социјална заштита и кај народниот правобранител, каде што има посебен сектор за детски правобранител, но СОС-телефонот на „Меѓаши“ е наменет токму за брза интервентна реакција и насочување и помагање како да го решат проблемот за кој се јавуваат. Од првата детска амбасада „Меѓаши“ велат дека нивниот СОС-телефон за деца и младинци е единствениот телефон наменет за пријавување на прекршувањето на кое било право на децата и, како таков, е единствен во Македонија
Граѓаните да се охрабрат за да ги пријават сторителите на насилство врз децата
Семејното насилство, особено насилството врз децата е една од најтешките и најделикатни теми речиси во секое општество, кое најголеми последици носи врз физичкото и психичкото здравје на децата. Тоа е проблем на секоја земја, на секое општество, а неговото решавање бара системски пристап. Бара сериозен ангажман од институциите уште во најраната возраст кај децата, за тие да бидат заштитени од ваквите дела, како што велат социолозите, „од најдолен облик“, и да пораснат во здрави личности, кои првенствено ќе знаат дека психичкото и физичкото насилство никогаш не се решение за проблемите.
И во новата година примери за насилство врз децата
Во новава година Министерството за внатрешни работи веќе го евидентира својот прв случај на семејно насилство, односно на насилство врз дете.
Четириесет и четиригодишната Н.К. од Скопје беше приведена откако полицијата добила сознанија дека таа врши насилство врз својата шеснаесетгодишна ќерка.
На 15.1.2021 полициски службеници од Единицата за внатрешни работи во Карпош, по претходно добиени сознанија и по наредба од истражен судија, а во присуство на претставници од првата детска амбасада „Меѓаши“ и од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Скопје, влегле во домот на Н.К. на подрачјето на Карпош, каде што биле затекнати Н.К. (44) и нејзината 16-годишна ќерка. Притоа било констатирано дека малолетничката подолго време била заклучувана во домот и не добивала соодветна нега од родителот. По повеќемесечна драма, полиција пред два дена со асистенција од социјалните служби и детската амбасада „Меѓаши“ ја ослободила 16-годишната девојка, чија мајка ја држела затворена. Сѐ уште е мистерија колку долго скопјанката ја чувала својата 16-годишна ќерка заклучена во станот во Карпош. Драмата се случувала подолго време. Мајката првин се јавувала во детската амбасада „Меѓаши“ и пријавувала малтретирање од лица од семејството и од соседите. Состојбата ескалирала кога мајката се јавила во доцните часови, а СОС-операторката слушнала крици од друг женски глас. СОС-службата на детската амбасада пријавила во полиција, која заедно со претставник од првата детска амбасада „Меѓаши“ отишла во станот и наишла на потресна ситуација. Гласот што го слушнале всушност бил на ќерката на жената што се јавувала од ноември во првата детска амбасада „Меѓаши“.
– На 15 јануари полициски службеници од Единицата за внатрешни работи – Карпош, по претходно добиени сознанија и со наредба од истражен судија, а во присуство на претставници од првата детска амбасада „Меѓаши“ и од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Скопје, влегле во домот на Н.К. (44) и нејзината 16-годишна ќерка. Притоа било констатирано дека малолетничката подолго време била заклучувана во домот и не добивала соодветна нега од родителот. На малолетничката веднаш ѝ е дадена соодветна помош и е сместена во здравствена установа, каде што е згрижена, а по службена должност ќе ѝ биде одреден старател. Н.К. е приведена во полициска станица, а на 16 јануари е пренесена во психијатриската установа „Бардовци“, каде што е задржана за понатамошна постапка – се вели во соопштението од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму додаваат дека сите преземени мерки се извршени со судска наредба, а за настанот е известен и надлежен јавен обвинител. Против мајката ќе биде поднесена кривична пријава по членот 140 став пет и по членот 201 од Кривичниот законик, а се преземаат и дополнителни мерки и активности.
Пријавете го насилството врз децата!
Родителите, наставниците и блиските роднини на децата се најчесто тие што ги пријавуваат случаите на семејно насилство на СОС-телефонскиот број на првата детска амбасада „Меѓаши“.
Според Јорданка Черепналковa Трајкоска, координаторка на проекти и на СОС-телефонот за деца и млади на „Меѓаши“, во споредба со првите години од формирањето на СОС-телефонот, кога најголем број од јавувачите биле деца и млади, последните неколку години на СОС-телефонот речиси не се јавуваат деца туку повеќе возрасни – родители, роднини, понекогаш наставници или загрижени граѓани.
– Најчесто се јавуваат да пријават некаков вид насилство врз деца за кое посведочиле. Пријавите за семејно насилство неколку години по ред се меѓу првите пет причини поради кои се јавуваат. Децата се плашат и често немаат храброст да пријават насилство, се чувствуваат немоќно. Се плашат да ги пријават своите родители како насилници, бидејќи се доведува во прашање нивната иднина, сигурност – вели таа.
Од амбасадата велат дека нивниот СОС-телефон за деца и младинци е единствениот телефон наменет за пријавување на прекршувањето на кое било право на децата и, како таков, е единствен во Македонија. Велат дека семејно насилство исто така може да се пријави и во центрите за социјална заштита и кај народниот правобранител, каде што има посебен сектор за детски правобранител, но СОС-телефонот на „Меѓаши“ е наменет токму за брза интервентна реакција и насочување и помагање како да го решат проблемот за кој се јавуваат, а им е достапен на децата во кое било време од осум до 22 часот. Децата жертви може да се обратат и преку е-порака на [email protected] или преку порака на социјалните мрежи на „Меѓаши“ https://www.facebook.com/detskaambasadamegjashi/ или https://www.facebook.com/detskaambasada/. Нивниот тим постојано ги следи овие мрежи и веднаш одговара и ги насочува и ги охрабрува децата да се обратат до броевите на СОС-телефонот.
Даниела Трајковска Здравеска
Снежана Калабакова