Во Основниот кривичен суд во Скопје треба да продолжи судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени. Судот ќе ги сослушува сведоците.
За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци се обвинети шест лица. Во случајот се обвинети сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед за соучество во истото дело.
Во кривичниот суд нови рочишта за „Титаник“ и „ТНТ“
Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска се закажани нови рочишта за предметите „Титаник“ и „ТНТ“.
Случајот „Титаник“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова. На минатото рочиште беше сослушан сведокот Јадранка Галевска поранешен началник на Одделот за управни работи. Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник“ се обвинети и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска. Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Предметот „ТНТ“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и се сослушуваат сведоци предложени од одбраната.
Во предметот „ТНТ“, кој се однесува на уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски. Според обвинението, тие во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.