Охридското основно јавно обвинителство поднесе обвинение против двајца скопјани на возраст од 19 и 20 години, кои на почетокот на месецов во Охрид киднапираа 26-годишна Италијанка.
За нив постои сомнение дека сториле кривичното дело – противправно лишување од слобода.
Како што информираат од обвинителството, на 3 јули годинава двајцата скопјани противправно ја лишиле од слобода и го ограничиле движењето на оштетената.
Првообвинетиот кој имал привремен престој во Италија, во државава пристигнал заедно со оштетената, со намера да ја убеди таа да склучи брак со второобвинетиот, негов роднина од Скопје, за да може и тој да замине во Италија.
Откако пристигнале, тие ја заклучиле оштетената во стан во Охрид и се одалечиле во непознат правец.
Настанот бил пријавен од Амбасадата на Република Италија, по што двајцата обвинети биле пронајдени и лишени од слобода.
Поради постоење на опасност од бегство на обвинетите, како и можност да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид, доставил и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за двајцата обвинети.