Охридското Обвинителство поднесе предлог за определување мерка притвор за 32-годишниот скопјанец, кој на 10 јули во Охрид, во автокампотот „Градиште“, извршил грубо насилство врз три лица.
– Осомничениот извршил напад над оштетените со нож и дрвена палка со кои им нанел телесни повреди, а во исто време кај оштетените и присутните сведоци предизвикал чувство на страв, загрозување и несигурност. Нападот следувал кога претходно осомниченото лице ја загрозило сигурноста на оштетените, кои повикале полиција. По интервенција на полицијата, осомничениот се оддалечил, но кога си заминале службените лица, тој се вратил и ги нападнал оштетените – информираат од Обвинителството.
Основниот суд во Охрид го прифати предлогот на Обвинителството, па со решение на осомниченото лице му е определен притвор во траење од 8 дена.