Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, македонски државјанин, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Криумчарење мигранти.
– Осомничениот прифатил и превезувал 18 илегални мигранти, меѓу кои четири деца во патничко моторно возило марка „CHRYSLER“. На патниот правец Велес – Скопје, во непосредна близина на мостот на реката Пчиња, осомничениот на светлосните и звучни сигнали од страна на полициски службеници, не го запрел возилото, туку продолжил да се движи кон наплатната рампа Петровец со голема брзина. Во еден момент пред рампата полукружно го свртел возилото и се упатил во правец на с.Петровец, а од таму движејќи се по регионалниот пат кон с.Катланово. Пред влезот во селото, на надвозникот удрил во патничко моторно возило што доаѓало од спротивната насока и предизвикал сообраќајна незгода. Од страна на полициските службеници осомничениот е лишен од слобода, а во возилото биле затекнати мигрантите – се наведува во соопштението од обвинителството.
Поради постоење на реална опасност, доколку се брани од слобода, осомничениот да се крие или да побегне за да ја избегне кривичната одговорност, како и стравот дека ќе ја попречува истрагата, односно ќе биде во можност да влијае врз сведоците, а воедно имајќи го предвид фактот дека е специјален повратник и извршител на други кривични дела, надлежниот јавен обвинител достави предлог за определување мерка притвор против осомничениот. Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје го прифати предлогот на обвинителството и со Решение на осомничениот му изрече мерка притвор во траење од 30 дена.