Основното јавно обвинителство Прилеп започна истражна постапка против лице на возраст од 44 години, поради постоење основано сомневање дека сторил продолжено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

Како што се вели во соопштението на ЈОРМ осомничениот на 9 ноември годинава во неговиот дом во Прилеп, неовластено заради продажба чувал 491 гр. наркотична дрога „марихуана“, спакувана во десет ПВЦ опаковки, и 14 мл. смолеста материја – наркотична дрога хашиш. Лицето кое се гони од страна на обвинителството чувало и опрема за подготовка на наркотична дрога „хашиш“ и семенски материјал во вкупна маса од 1,78 гр. од растениото „Canabis Sativa“ за кои знаело дека се наменети за производство на наркотични дроги.

Предметите беа пронајдени од страна на службени лица на Полициска станица Прилеп при извршен претрес во домот на осомничениот, врз основа на наредба издадена од Основниот суд Прилеп.

Надлежниот јавен обвинител ценејќи дека се исполнети законските основи, достави предлог за определување мерка притвор, по што судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп, со решение на обвинетиот му  определи мерка притвор во траење до 30 дена.

К.М.