Триесет и петгодишната жена чие дете утрово го загуби животот во пожар во стан во центарот на Гостивар, вечерва е уапсена, соопштија од СВР Тетово.
С. Т. од Ресен е однесена во полициска станица некаде околу пладне, откако ѝ била пружена медицинска помош, под сомнение дека сторила кривично дело „повреда на семејни обврски“.
Таму таа најверојатно ќе биде задржана до утре до расветлување на поединости околу трагичниот настан, по што се очекува да биде изведена пред судија на претходна постапка во Основниот суд Гостивар.
Основното јавно обвинителство денеска веднаш после пожарот објави шокантни информации дека седумгодишното дете, кое се задуши во пожарот утрово, било врзано со синџир за нозете.