Во текот на завчерашниот ден, Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, во заедничка акција со полициски службеници од Одделот за специјални полициски операции и Секторот за внатрешни работи – Охрид, пресече меѓународен транспорт на наркотична дрога хашиш, во количество од околу 100 килограми.
– Во непосредна близина на градските гробишта во Охрид полициски службеници запреле товарно возило комбе „ситроен“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Ч.Б. (53), државјанин на Република Турција. При извршен преглед на комбето, во задниот багажен простор, пронајдени се три големи картонски кутии и една полиетиленска торба, во кои биле сместени 114 пакувања хашиш. Од страна на крим-техника е извршена обработка на возилото и подигнати се материјални докази, а Ч.Б. е лишен од слобода и приведен во СВР-Охрид – информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека по преземените мерки и активности е утврдено дека Ч.Б. пред околу две недели со авион пристигнал од Истанбул во Приштина, пa во земјава и во Скопје остварил средба со неколку лица за да го изврши транспортот на дрогата од нашата земја во Република Турција.
– По комплетирањето на целосната документација, против Ч.Б. ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Охрид, за определување мерка притвор. Покрај ова, во текот на завчерашниот ден се извршени претреси на подрачјето на Скопје, при што се лишени од слобода уште две лица и одземени се предмети за понатамошна постапка, а по консултација со јавен обвинител, кривичната пријава ќе биде проширена – истакнуваат надлежните.
Министерството за внатрешни работи успешно продолжува со борбата против сите видови криминал, вклучувајќи и спречување на недозволената трговија со наркотични дроги, за што сведочат и секојдневните случаи на заплена на дрога.