Наркодилерите на инвентивен начин повторно почнаа да го активираат својот бизнис. Интерпол ги алармира сите 194 земји-членки да бидат особено внимателни со доставувачите на храна

НАРКОДИЛЕРИТЕ ЈА КОРИСТАТ КОРОНА-КРИЗАТА

Пандемијата, карантинот и затворањето на државните граници по сѐ изгледа не ги запре криминалците, особено трговците со дрога. Во потрагата на нови начини за заработка, во услови кога карантините во многу земји не се олабавени и кога сѐ уште се препорачува да не се излегува од дома без некоја поголема потреба, наркодилерите на инвентивен начин почнаа повторно да го активираат својот бизнис. Се знаеше и се очекуваше дека тие нема да мируваат и дека на секој можен начин ќе се обидат да се вратат во игра, но не се знаеше кога ќе почнат да го прават тоа.

Неодамна се алармира дека криминалните организации ги користат доставите на храна за да транспортираат дрога и други нелегални супстанции, откако државите буквално се затворија поради пандемијата на коронавирусот. Во Интерпол добиле голем број извештаи од полициите во Ирска, Малезија, Шпанија и Обединетото Кралство, во кои е наведено дека забележале оти доставувачи на храна пренесуваат наркотички средства како што се кокаин, марихуана, кетамин и екстази.
На почетокот на април, шпанската национална полиција идентификувала и уапсила седум лица облечени како возачи што доставуваат храна во Аликанте и во Валенсија. Осомничените биле фатени како пренесуваат кокаин и марихуана со велосипеди, мотори и возила, на кои било наведено дека се занимаваат со достава на храна. Некои од дрогите биле скриени во лажно дно, направено во кутија за доставување храна. Во Ирска, пак, полицијата открила осум килограми кокаин скриени во лажно дно направено во две кутии во кои имало пица.

По овие случаи, Интерпол ги алармира сите 194 земји-членки да бидат особено внимателни со доставувачите на храна. Од тие причини, дури и активираа виолетов аларм, кој всушност се однесува на методите, објектите и уредите што ги користат криминалците.
– Како што криминалците постојано ги надградуваат своите методи за шверц на дрога, особено сега, користејќи ја корона-пандемијата, Интерпол активира виолетово известување, кое се однесува на есенцијалните алатки што ќе им помогнат на полициите низ светот да учат едни од други и да ги откриваат и да ги елиминираат постапките на дилерите – истакна Стивен Каванх, извршен директор на полициските служби. Тој изрази особена благодарност до Шпанија и до преостанатите земји што споделуваат информации од витално значење со Интерпол, кои ќе овозможат непречено функционирање на законот и со кои полицијата ќе добива точни и нови информации за да ги онеспособи криминалците во нивните дела.

Првиот комесар на шпанската полиција, Карлос А. Васкез Ара, истакна дека работа на полицијата е да им дава поддршка на преостанатите полиции низ светот.
– Во обид да ја одржиме националната безбедност, улогата на шпанската полиција е да им обезбеди постојана поддршка на сите субјекти што работат на новите безбедносни предизвици – вели тој. Овој аларм што Интерпол го активира се однесува на информирање на сите полиции низ светот, за да се дејствува превентивно против криминалците што ја злоупотребуваат моменталната здравствена криза.
Карантините што ги прогласија речиси сите држави низ светот ја зголемија побарувачката за храна преку достава на домашна адреса.

Возачите на возилата за достава можат да бидат соучесници во криминалците дејствувања. Во случаите што ги објави Интерпол, станува збор за маскирани возачи, кои лажно доставуваат храна. Исто така, имало и случаи кога доставувачите на храна воопшто и не знаеле дека пренесуваат дрога и дека работат за други шефови.
Во други случаи, пак, за заработка на пари, доставувачите на храна се нафаќале да им бидат соработници на наркоорганизациите. Во еден случај од Малезија, доставувач на храна самиот побарал полицијата да го испита пакетот што му бил даден да го достави на одредена адреса, откако се посомневал дека нешто не е во ред, бидејќи храната што ја доставувал тежела 11 килограми.

[email protected]