Седумдесет и двегодишната скопјанка М.А. вчера се здобила со тешки телесни повреди во сообраќајна несреќа откако патничко моторно возило „Ауди“ со италијански национални ознаки управувано од непознато лице, удрило во неа, а по незгодата го напуштило местото на настанот.
Како што соопшти МВР, сообраќајката била пријавена вчера во 10:55 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје, а се случила на крстосницата од булеварот „Гоце Делчев“ со улицата „1732“
– Од незгодата со повреди се здобила М.А. која со возило на Итна медицинска помош била пренесена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош и од страна на лекар и биле констатирани тешки телесни повреди по што била задржана на понатамошно лекување – посочуваат од МВР.
Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.