Стечајот во „Саитис“ – Битола по неколку години конечно на агендата на правосудните органи
Деновиве во фокусот на битолската јавност е случајот со текстилната компанија „Саитис“, во кој главната ролја ја имаат двајца странски државјани, Грци и двајца македонски државјани, банкари. Имено, СВР-Битола по повеќегодишна истрага, пред неколку дена поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство против лицата Т.С. (43), Н.С. (41), државјани на Грција, со регулиран престој во Македонија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лажен стечај“, како и против В.Н. (48) од Битола, директор на филијала и Н.М. (50) од Битола, член на Управен одбор на банка, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според известувањето на СВР-Битола, прво и второпријавените на 28.10.2015 година, како основачи и сопственици на правното лице, донеле одлука за задолжување на фирмата со рамковен револвинг-кредит од банка, кој го склучила Н.С., како управител на фирмата. Врз основа на рамковниот револвинг-кредит, на 31.10.2017 година прво и второпријавените ја искористиле можноста за прекумерно задолжување и склучиле договор за краткорочен револвинг-кредит на износ од 30.900.000 денари.
Тие во наредните четири месеци вршеле исплати по договори за краткорочни денарски и девизни кредити во вкупен износ од 696.000 евра, кои не ги употребиле за нови инвестиции, туку за лична потрошувачка. Со преземање несразмерни обврски ги повредиле своите должности при управувањето со имотот со што предизвикале стечај на правното лице од Битола.
Во известувањето на СВР-Битола се нагласува дека трето и четвртопријавените од банката пропуштиле навремена контрола на кредитниот должник и на наменската употреба на средствата, а по барање на правното лице била донесена одлука со која депонираните девизни депозити биле ослободени и заменети со меница и три бланко потпишани налози за пренос, со што ја оштетиле банката за 500.000 евра.
Инаку за овој случај „Нова Македонија“ пишуваше пред точно две години (20.6.2019), нарекувајќи го „сиртаки-стечај“ на „Саитис“. Еве во најкратки црти што пишуваше тогаш нашиот весник.
– Измина речиси една година откако грчката текстилна фабрика „Саитис“, влезе во стечај. Иако во првиот момент се мислеше дека стечајната постапка ќе трае мошне кратко и дека оваа едно време мошне реномирана фабрика ќе се рестартира, а околу 200 работници колку што работеа ќе се вратат на работа, сепак од тоа нема ништо. Според тоа како се одвиваат работите со стечајот на „Саитис“, тој потсетува на грчката игра „Сиртаки“, која ја промовира Гркот Зорба. Имено, иако во тоа време три компании, од кои една американска, една германска и една битолска, покажале подготвеност да ја рестартираат „Саитис“ и да ги вратат на работа, ако не сите, тогаш барем дел од околу 200 работници, колку што останаа без работа, главниот доверител Охридска банка, која побарува(ше) околу 1.200.000 евра, одлучи да го издвои објектот, кој кај нив беше ставен под хипотека, од стечајната постапка и да го продава преку извршител. Оттогаш изминаа десетина месеци, но од продажбата на погоните на фабриката не се случи ништо и таа остана затворена и оставена да пропаѓа.
Дека има индикатори дека „нешто матно се случува со стечајот“, потврда беше тоа што на стечајниот управител, кој го водеше стечајот, од страна на раководителите на банката „му беше забрането да влегува во фабриката и да се грижи за тоа што е преостанато од имотот“ на „Саитис“.
– Право е на доверителот за каква постапка ќе се определи, дали да се рестартира фабриката или, пак, објектот што е во нивна сопственост, но кој сѐ уште се води на „Саитис“, ќе се продава. Но додека трае стечајната постапка, незамисливо и незаконски е на стечајниот управник да не му се дозволува влез во фабриката. Во изминатиот период до мене се доставени три понуди со намери за рестартирање на фабриката. Едната понуда е од една битолска компанија, која во моментот е доста рентабилна, а другите две се германска и американска, кои искажаа подготвеност да ја рестартираат фабриката и да ги вратат на работа отпуштените работници. Но мене ми е оневозможено да влезам во фабриката – изјави тогаш за „Нова Македонија“ стечајниот управител Владе Талевски.
На случувањата во „Саитис“ реагираа и вработените, кои отворено тврдеа дека „во оваа грчка компанија се случува класичен криминал“. Имено, откако претходно грчките газди сите вработени во фабриката ги префрлиле на работа во сестринската фирма „Саитис фешн“, ги продале машините, ја напуштиле Македонија и повеќе не се вратиле во Битола.
Против сопствениците на фабриката, кои се грчки државјани, беше поднесена кривична пријава, а распишана беше и потерница, но од нив немаше ни трага ни глас.
– Иако ние како вработени чувствувавме дека газдите нешто подготвуваат, сепак не верувавме дека ќе го направат сево ова. Едно време ние бевме една од најдобрите грчки компании во Битола. Фирмата беше на добар глас, а сопствениците беа коректни. Но не знам од кои причини тие почнаа да го раскрчмуваат имотот на фабриката и да не ни исплаќаат плати. За сите да нѐ симнат од платните списоци, тие нѐ префрлија во новата фирма, која ја отворија само со еден вработен и неколку месеци подоцна, без да ни исплатат ниедна плата, си заминаа од Битола во Грција. Оттогаш не ги видовме, а без збогум се простивме и од нашите тешко заработени лични доходи – изјавија тогаш работниците за „Нова Македонија“.
На „Саитис“ му беше ставен клуч на вратите и фабриката беше заклучена. За имотот на фабриката се грижеше приватно обезбедување, кое не му дозволуваше никому да влегува во фабриката, па ни на стечајниот управник.
Колку грчките газди и луѓето од банката се грижеа за фабриката најдобра потврда беше тоа што приватното обезбедување откако од котларницата истекуваше мазут не му дозволуваше во фабриката да влезе ни инспекторот од општината Битола за да види за какво истекување на мазут станува збор.
Како и да е, „сиртаки-стечајот“ во „Саитис“ се чини по неколку години конечно ќе се расветли, бидејќи деновиве СВР-Битола поднесе известување за криминалот што се случи во фабриката, во која над 200 работници останаа без работа, а доверителите со празни раце.