Полициска екипа вечерва дојде во станот на поранешниот премиер Никола Груевски за да го спроведе во затворот во Шутка за издржување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“, за набавката на мерцедесот од 600.000 евра.
Тоа следува по распишаната потерница од МВР на барање на Кривичниот суд, откако Груевски не се пријави во затворот во предвидениот рок. Полицајците го побараа Груевски во неговиот стан, но никој не им отвори, по што тие слегоа пред влезот на зградата.
Кривичниот суд во Скопје попладнево во 16.30 часот достави до СВР Скопје барање за издавање потерница против Груевски, откако и зминативе денови судските курири не успеаја да му го достават решението на Советот на судот со кое се одбива неговата жалба во однос на двегодишната затворска казна за „Тенк“.