Во Кривичниот суд денеска повторно е одложено судско рочиште на специјалното јавно обвинителство. Судењето за предметот „шлаканиците во Центар“, кое требаше да се одржи денеска во 10 часот, е одложено поради судењето за случајот „Т.Н.Т.“, кој беше закажан во исто време како „насилство во Општина Центар“. Во двата предмета обвинет е поранешниот министер Миле Јанакиески, кој мора да биде присутен на судењата.
Одложувањата на судските рочишта, највеќе на оние каде што како овластен тужител е СЈО, се случуваат со месеци наназад, што полека станува пракса во правосудството. Како главна причина е поклопувањето на термините помеѓу два предмета, што укажува на неажурност на судот кој ги закажува судењата.
Наредните рочишта за „шлаканиците во Центар“ се закажани за 5 и 19 јуни.
Од овие причини досега најмалку по 2 пати беа одложувани рочиштата на речиси сите предмети застапувани од специјалното јавно обвинителство.
Во случајот „Насилство во Центар“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.
Тие се товарат за поттикнување и извршување насилство, кое се случи за време на протестите пред Општина Центар во јуни 2013 година.
На претходните рочишта, вина за настаните пред Општина Центар признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петтообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.