Министерството за надворешни работи (МНР) соопшти дека досега се идентификувани две од трите лица, маж и две жени, кои загинаа ноќеска во кога автобус на „Еуро Бус“ се излизга од патот во близина на Лесковац, Србија.
Станува збор за В.Ш., маж на 68-годишна возраст од село Бучин, Крушево и К.К., жена исто така на 68-годишна возраст од Кочани. На двете лица им бил утврден идентитетот од личните документи.
Кај третата жртва не се пронајдени документи и засега, како што посочуваат од МНР, нема потврда за нејзниот идентитет.
Освен тројцата загинати во несреќата се повредени 32 лица, од кои четворица се со тешки телесни повреди и се во животна опасност. Овие лица се префрлени во Клиничкиот центар во Ниш. Полесно повредените 28 лица се згрижени во општата болница во Лесковац.
Од МНР информираат дека сместување ќе им биде обезбездени на сите повредени кои би биле пуштени од болница, доколку имаат потреба за преноќување.
Кон Лесковац во посета на болните и на местото на несреќата се упатија министерот за здравство Венко Филипче и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, како и претставник на македонската амбасада во Белград.
Српската полиција соопшти дека утринава во 1 часот и 45 минути, на автопатот кај Лесковац, се случила тешка сообраќајна несреќа во која загинале тројца македонски државјани-маж и две жени, а 32 се повредени. Според српската полиција, несреќата се случила кога автобус со македонски регистарски таблички на компанијата Еуро Бус, кој патувал од Битола за Виена, излетал од патот пробивајќи ја заштитната ограда и се превртел кај клучката Печењевци во близина на Лесковац.