Пролизгување на погонски барабан, на станицата преку која се врши пренос на ископаната земја, била причината за пожарот во рудникот „Суводол“ кој избил во петокот утрото на трака за пренос на јаловина.
Како што јави „Електрани на Северна Македонија“, во пожарот изгореле неколку десетици метри трака, но благодарение на брзата реакција на вработените, системот истиот ден бил пуштен во работа.
-Во сложениот систем на производство во РЕК Битола, вклучени се работници со подолг работен стаж и во многу мал дел новопримени лица. Во тек е постапка за утврдување на евентуален пропуст во работењето, по што ќе бидат преземени сите законски мерки доколку одговорност биде утврдена. Инаку, материјална штета по АД ЕСМ и Подружница РЕК Битола во никој случај нема да биде предизвикана бидејќи траката е предмет на осигурување- велат од „ЕСМ“ за пожарот.
Оттаму додаваат дека не сакаат да прејудицираат, меѓутоа веруваат дека долгогодишниот застој во набавка на нова опрема и ревитализирање на системите, на крајот го земал својот данок. Комбинатот, како што велат, ги вложува сите свои сили целосно да ги санира последиците од јавашлукот во минатото, за што потврда се производствените резултатите во првите пет месеци од годинава.