Пет лица обвинети за насилствата во Собранието на Македонија на 27 април минатата година, ноќеска повторно се приведени и пренесени во Истражниот затвор Скопје, по налог на Кривичниот суд.
Нивното приведување следува откако вчера државниот јавен обвинител Љубомир Јовески соопшти дека до Кривичниот суд е поднесен обвинителен акт против 30 лица во врска со настаните од 27 април 2017 година. Дваесет и осум лица се обвинети за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а две за помагање при вршење на истото кривично дело.
Обвинетите, според јавниот обвинител на РМ Љубомир Јовески, го загрозиле уставниот поредок и безбедноста на РМ со акт на насилство со што создале чувство на несигурност и страв кај граѓаните.
Врховниот суд во понеделникот одлучувајќи по жалби на осомничените, реши за дел од нив да ги укине мерките притвор и куќен притвор. Од затворски притвор беа пуштени поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски и Сашо Василевски кои добија мерката куќен притвор.