Социјалните медиуми сѐ почесто се преплавуваат со објави за исчезнати лица. Изминативе денови беа забележани низа исчезнувања на луѓе во главниот град. Според податоците добиени од Министерството за внатрешни работи, за Скопје се издадени 272 објави за исчезнати лица само за 2017 година.
Во изминативе денови имаше објави за исчезнување на 70-годишната Драгица, која живее во регионот на Тафталиџе. Нејзината ќерка преку социјалните мрежи испрати апел доколку некој ја забележи мајка ѝ, која боледува од Алцхајмерова болест, да биде известена. За среќа, овој случај имаше среќен крај, бидејќи во меѓувреме 70-годишната жена беше пронајдена.
– Ви благодарам на сите за помошта денес нашата мајка е најдена. Ви благодарам од цело срце и најголемо благодарам до полициската станица Карпош, која е за вистинска пофалба – вели Елена Јовановска, ќерката на Драгица на социјалните мрежи.
Но сите случаи не завршуваат среќно како овој со Драгица, и некогаш не се пронаоѓа набрзо изгубеното лице. Во изминатиов период имаше објави по социјалните медиуми за исчезнување на 64-годишниот Алибен Абдул, по кој сѐ уште се трага. Од информациите споделени на Фејсбук последен пат е виден во петокот на 1 февруари, во 10 часот, како излегува од домот во Маџир Маало во Центар. Излегол со количка за на пазар со тркалца и се упатил во непозната насока, вели неговата ќерка Мелиса. Од таа причина, потребно е граѓаните да се информираат како да ги препознаат симптомите на деменција и Алцхајмер за да се овозможи полесно лоцирање на ваквите лица за да може побрзо да се најдат, да се згрижатат и да им се помогне.
Иако лицата што исчезнуваат ги снемува од повеќе причини, сепак најчесто објавите што се забележуваат се за постарите лица. Од МВР посочуваат дека една од најчестите причини за исчезнување се и здравствени проблеми. Според медицинските лица, најчесто луѓето што исчезнуваат се постари затоа што имаат некакво дегенеративно заболување, како Алцхајмерова болест, на пример. Инаку, Алцхајмеровата болест спаѓа во групата на невродегенеративни заболувања. Обично се јавува кај населението што е на над 65-годишна возраст и е одговорна за 60 отсто од дементните заболувања, следена од васкуларните деменции на второто место и од алкохолната деменција на третото, вели докторката Светлана Палевска.
– Деменцијата е сериозна загуба на способноста за осознавање на една претходно здрава личност, покрај она што може да се очекува од нормалното стареење. Деменцијата може да биде статична, да се појави како резултат на несекојдневна, целосна повреда на мозокот или прогресивна, која резултира со долготрајно влошување на здравствената состојба предизвикана од болест или повреда на телото. Деменцијата најчесто се јавува кај постарата популација поточно по 65-та година. Полесно е справувањето со болеста во нејзините почетни фази, додека, пак, во подоцнежните бара поголема посветеност од страна на семејството. Понекогаш напредувањето на деменцијата се одвива многу брзо, а тоа не го очекува ниту е подготвено семејството на заболениот. Тогаш најчесто се случуваат исчезнувања на постарите лица – додава докторката Палевска.
Во секој случај, независно дали исчезнувањето е поради здравствени проблеми, недоразбирање во семејството, несфаќање од страна на околината или од други причини, сите вакви случаи треба да се сфаќаат крајно сериозно за да се најдат исчезнатите. Полицијата си има посебни методи според кои ги третира овие појави и во најголем број случаи тоа дава резултати. Токму затоа, во оние случаи кога надлежните се немоќни, потребно е вклучување на целата заедница за да им се помогне на луѓето во неволја. Појавата на социјалните мрежи и масовната вклученост во нив, особено во ваквите случаи, ја покажува својата позитивна страна и е од голема корист во потрагата по исчезнатите.
А што се однесува до спречувањето или барем намалувањето на оваа појава, потребно е да се совпаднат многу елементи. Потребна е поширока акција за вклучување на многу фактори. Иако и тогаш останува дилемата – дали оние што навистина сакаат да исчезнат од средината во која живеат, некој може да ги спречи да го сторат тоа.