Повторно гори голема површина трска на струшкото крајбрежје, на потегот кај плажата Аквариус.
Територијалната противпожарна единица интервенира со едно возило и двајца пожарникари. Пожарот, како што изјави заменик командирот на ТППЕ Струга Ристе Талески, бил ставен под контрола и се работи на негово целосно гасење.
– Постојано сме на терен и сите пожари се намерно предизвикани од човечки фактор. Вчера само интервениравме на пет локации во исто време. Ги трошиме ресурсите на не толку значајни работи, предизвикани намерно од човечки фактор, а доколку дојде потреба за станбен објект или нешто поголемо ние нема да можеме да интервенираме, вели Талески.
Тој упати апел до граѓаните да внимаваат на отворен простор, да не палат стрништа и меѓи, како и отпадоци, бидејќи едно мало невнимание или ветар може да предизвика поголема катастрофа. Да излезе оганот од контрола и да предизвика материјални и други последици.
-Апелирам и до полицијата да е поактивна на терен и да зачести со патролите, како и останатите релевантни институции да преземат мерки. Палењето трски се случува секој ден, изјави Талески.
Бројот на пожари во Струга и Струшко годинава е зголемен во однос на претходните. Само во февруари струшките пожарникари интервенирале повеќе од двојно во однос на истиот месец лани. Минатата година имале 23 интервенции, а годинава 48.
Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко повторно тврди дека со палењето на трските се чистат ниви и приватни имоти за да можат граѓаните да ги обработуваат земјоделските површини. Одговорноста ја префрли на Министерството за животна средина и просторно планирање, посочувајќи дека се во постојана комуникација со полицијата и работат на спречување на нелегалните појави.
Казната за намерно предизвикување пожар е од три до пет години затвор.