На денешното судско рочиште за убиството на Пинета Секондо – Пино се сослушуваа тројца сведоци, кои одговараа на прашањата на обвинителката Лидија Раичевиќ.
Другарката на второобвинетата Ангела Ѓорѓиевска, Фросина Петковска, сведочеше дека првообвинетиот Фуркан Али и Ангела биле во врска една и пол година, но и дека таа се допишувала со Пино, кој ѝ се допаѓал.
– Ми зборуваше за Пино додека сè уште не одеше сериозно со Фуркан – рече во сведочењето Петковска.
Другарот на Пино, Дејан Митевски, сведочеше дека Ангела и Пино биле другари, но дека таа му се допаѓала.
– Секогаш им излегуваше во пресрет на женските и што и да побараат од него ќе им удоволеше. Беше многу мек со жените – сведочеше Митевски.
Братучедот на Фуркан Али рече дека тие не се дружеле многу бидејќи имале голема разлика во години.
Судијката Ленка Давитковска го закажа следното рочиште за 31 јануари.
Пино Секондо беше убиен на 11 декември 2018 година. Ангела Ѓорѓиевска е обвинета дека во убиството му била соучесник на првообвинетиот Фуркан Али, кој е во бегство и по него е распишана меѓународна потерница.
Остатоците од телото на Секондо беа случајно пронајдени кон крајот на април минатата година.