Kривични пријави против техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев ќе поднесе дополнителната заменик министерка во МВР Славјанка Петровска.
Таа најави дека кривичните пријави ќе ги поднесе до надлежното обвинителство поради несовесно и нестручно работење од страна на Чулев, затоа што, како што тврди, го нарушил работењето на полицијата и ја загрозил безбедноста на граѓаните.
– Техничкиот министер Чулев вчера (10.01.2020) потпишал телеграма која е доставена до сите организациски единици во МВР, со која ги известува раководителите на организациските единици дека наредбите донесени согласно член 154 од Законот за внатрешни работи, со кои на работниците им се наредува да извршуваат задачи во други организациони единици престануваат да важат. Веднаш по доставувањето на телеграмата се обратив писмено до техничкиот министер Чулев и му посочив дека телеграмата е донесена без мое запознавање и согласност и му укажав на сериозноста на оваа негова одлука и последиците со кои ќе се соочи МВР во делот на извршувањето на својата основна функција. Со престанокот на важењето на писмените наредби се создава недостаток на човечки ресурси во делот на обезбедувањето на личности и објекти и со тоа директно се загрозува безбедноста на лицата и објектите кои МВР има обврска да ги обезбедува, како на пример амбасадите на Чешка, Босна и Херцеговина, Бугарија, резиденцијата на амбасадорот на ЕУ… Отежнато е постапувањето и по плановите за зајакнати мерки за обезбедување на амбасадите на Албанија и Турција – вели Петровска.
Таа нагласува дека директно загрозено е и обезбедувањето на делови од државната граница, граничните премини, особено делот на северната граница поради недостатокот на полициски службеници кој настана со одлуката на Чулев. Полициската станица за граничен премин Долно Блаце, вели Петровска, поседува 11 контролни пунктови за пасошка контрола, кои мора да бидат пополнети со цел нормално функционирање, а Граничниот премин Јажинце ќе престане да функционира.
– Со ваквото неодговорно и незаконско работење Чулев ја доведува во опасност безбедноста на границата, на највисоките државни претставници,како и на амбасадите во нашата држава односно ја загрозува целокупната безбедносна состојба во државата, со што прави кривично дело, но и создава услови за извршување на кривични дела од други лица, кои ќе го загрозат територијалниот интегритет на државата – додава Петровска.