Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истрага против две полнолетни лица од Пакистан и двајца малолетници од Авганистан.
Осомничените се товарат дека сториле кривично дело Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти од член 418-в став 2 и кривично дело Криумчарење на мигранти од член 418-б став 4 в.в. став 2 и 3 од Кривичниот законик.
Во изминатите три месеци двајцата Пакистанци со цел за криумчарење на мигранти создале организирана група на која припадници станале и осомничените. За непречено дејствување на групата тие создале импровизирани кампови во близина на границата со Србија каде ги прифаќале и сместувале мигрантите кои илегално влегувале од територијата на Грција, а од таму илегално ги пренесувале во Србија и земјите на ЕУ.
Во камповите мигрантите присилно биле задржувани, им биле одземани мобилните телефони и личните документи со што им оневозможувале каков било контакт надвор од кампот. Искористувајќи ја нивната немоќ, осомничените физички ги малтретирале жртвите, ги фотографирале и фотографиите ги испраќале на нивните семејства од кои барале парични средства за да ги пуштат жртвите да ја продолжат рутата, со употреба на сила и закана изнудувале парични средства и од жртвите кон кои се однесувале на крајно суров и понижувачки начин, а со некои имале и полови односи.
Како резултат на меѓународна соработка со органите на прогон од Србија, каде што двајца оштетени мигранти ги пријавиле настаните, импровизираниот камп е откриен и во текот на вчерашниот ден, и спроведена е координираната акција. Во кампот се пронајдени 35 мигранти, од кои девет се деца на возраст од четиринаесет и петнаесет години.
Осомничените се изведени пред судија на претходна постапка кој го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и на сите осомничени со решение им определи мерка – притвор во траење од 30 дена.
За кривичните дела за кои се товарат осомничените е предвидена казна затвор во траење од најмалку 8 години.