Основното јавно обвинителство Скопје ги расветлува причините за трагичниот настан во општина Илинден, во кој вчера животот го загуби 13-годишно девојче, и утврдува постоење на евентуална кривична одговорност.
– Надлежен јавен обвинител издаде наредба за обдукција на починатото лице, како и насоки за прибирање дополнителни податоци. Побарани се информации за фирмата која ги изведувала градежните работи и за текот на градбата. Во исто време, се прибираат податоци од инспекциските служби и од други надлежни органи за да се утврди евентуална кривична одговорност – соопшти Јавното обвинителство.
Девојчето вчера се удавило во општина Илинден, во ископ исполнет со вода каде што се градел објект. Трагедијата се случила на улица бр. 2 во месноста Бигла.
Според изјави од жители на Илинден, 13-годишното девојче влегло во ископот со вода за да го извлече нејзиното братче и друго дете кои паднале во дупката.