Фото: Игор Бансколиев

Професор Борис Мургоски од Факултетот за безбедност во Скопје

По тешката автобуска сообраќајна несреќа што се случи кај селото Ласкарци на патот Скопје – Гостивар, патнички воз вчера излета од шините кај гостиварските села Лакавица и Падалишта, но, за среќа, немаше повредени. Се преврте и автомобил во неделата на локалниот пат Кучевишка Бара – село Кучевиште, се случија и уште неколку други сообраќајки викендов, по што сериозно се отвора прашањето што е причината за толку фреквентно да се случуваат сообраќајките. Полицискиот билтен речиси секојдневно бележи тешки сообраќајки во кои има повредени или настрадани. Го прашавме професорот Борис Мургоски од Факултетот за безбедност што е важно за да имаме поголема безбедност на патиштата и како да се постапи за да се превенираат вакви големи несреќи како автобуската несреќа кај Ласкарци, во која веќе имавме 15 жртви.

– Многу фактори се важни за безбедноста во сообраќајот, од тоа како се одржуваат патната мрежа, возниот парк, дали се почитуваат правилата за одмор на возачите, техничката исправност на возилата – вели професорот Мургоски.

Според него, надлежните служби треба да извршат детална истрага, односно да се изврши експертиза за целиот случај за да се утврдат причините што довеле до ваква трагична несреќа.

Многу фактори се важни за безбедноста во сообраќајот, од тоа како се одржуваат патната мрежа, возниот парк, дали се почитуваат правилата за одмор на возачите, техничката исправност на возилата… Потребни се посериозни програми за контрола врз патната мрежа, за техничката исправност, за квалификациите на возачите…

– Потребни се посериозни програми за контрола врз патната мрежа, за техничката исправност на возилата, за квалификациите на возачите – нагласува Мургоски, притоа додавајќи дека треба да се земат предвид сите аспекти при ваквите несреќи.

Мургоски уште додава дека е потребен сериозен тимски пристап за да се превенираат ваквите несакани настани.

– Мора да се има превенција. Нашите луѓе не сакаат да слушаат сѐ додека не дојде до ваква трагедија – нагласи Мургоски. С.Т.


Плева од сообраќајки, граѓаните на штрек

Патнички воз со педесетина патници, кој сообраќа на линијата Кичево – Скопје излета од шините во близината на гостиварските села Лакавица и Падалишта и, за среќа, во оваа несреќа вчера немаше повредени. Возот удрил во карпа, која, најверојатно, паднала на шините, па композицијата од ударот излетала од шините, при што само била предизвикана материјална штета. На тој дел од пругата сообраќајот вчера беше во прекин, а по несреќата се вршеше увид.

Првично беше утврдено дека одрон од земја и камења бил причина за незгодата, а според внатрешната контрола на „Македонски железници“ имало оштетен мотор.
– Возот навреме е тргнат од станицата во Кичево. Композицијата налетала на одрон и карпа и, за среќа, нема повредени лица. Наскоро се очекува да биде направена и процена на штетата – изјави Спире Најдески од внатрешната контрола на МЖ.

Според контролорите што вршеле увид, местото што се наоѓа помеѓу двата тунела кај селото Падалиште е подложно на одрони и ерозија. За да се избегнат вакви непријатни ситуации, на овој терен треба почесто да се вршат контроли и потенцијалните одрони навреме да се санираат. Според нивните кажувања, одроните, особено во овој период, се зачестени и потребна е дополнителна претпазливост.

Поради ваквата опасност, машиновозачите низ овој реон возат со намалени брзини.

Тешка сообраќајна несреќа се случи и во неделата попладне на локалниот пат Кучевишка Бара – село Кучевиште. МВР информира дека Љ.У., жител на селото Кучевиште, управувајќи патничко моторно возило „голф“ со скопски регистарски ознаки излетал надвор од коловозот и се превртел. На местото на настанот бил извршен увид. Откако возачот бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје му биле констатирани тешки телесни повреди. Автомобилска несреќа имаше и на автопатот Куманово – Скопје во неделата рано утрото во 4.40 часот, а возачот Д.В.

од Скопје управувајќи патничко моторно возило БМВ со кумановски регистарски ознаки изгубил контрола и удрил во дрвја и столб. И во оваа несреќа возачот добил тешки телесни повреди и е хоспитализиран во комплексот клиники „Мајка Тереза“.

Само во Скопје изминатиот викенд беа повредени девет лица во 21 сообраќајка, а во три од нив двајца возачи на патнички возила и еден велосипедист имаат тешки телесни повреди.

Ваквите несреќи на патиштата сѐ повеќе загрижуваат, но истовремено бараат и една сериозна и поопсежна анализа од експерти, кои, секако, треба да се позанимаваат со оваа проблематика и да дадат одговор на прашањето како да се зголеми безбедноста на патиштата и на пругите и да се намали бројот на жртвите. С.К.


ОЈО бара меѓуинституционална координација за автобуската несреќа

Со наредби се обезбедуваат и други писмени докази од правното лице „Дурмо турс“ – сопственик на автобусот, како и од ресорните министерства за транспорт и врски и за внатрешни работи

И по седум дена по автобуската сообраќајна несреќа, која се случи минатата недела на автопатот Скопје – Тетово кај селото Ласкарци, Основното јавно обвинителство сѐ уште не излегува со некакви барем првични детали околу можните причини за несреќата во која починаа 15 лица. Вчерашната собраниска седница почна со едноминутно молчење во знак на почит кон загинатите. Гостиварската локална самоуправа изрази благодарност до жителите на селото Ласкарци, до медицинскиот персонал и до сите оние што на кој било начин помогнале во несреќата. Голем е интересот во јавноста што можело да ја предизвика толку големата трагедија и со нетрпение се очекуваат резултатите од истрагите на обвинителите. Во недостиг од официјални информации сѐ уште се множат голем број претпоставки за тоа што би можело да биде причината за несреќата што дополнително ја подгрева атмосферата на разочараност и гнев кај јавноста.

Од ОЈО вчера се јавија со соопштение во кое велат дека започнале со испитување на очевидците на несреќата, а бил одржан и работен состанок за да се обезбедат координација и динамика во утврдувањето на сите релевантни факти и причини што довеле до големата несреќа.

– Заради координација и поголема динамика во постапувањето на сите надлежни институции при утврдувањето на причините на автобуската несреќа што се случи на автопатот Скопје – Тетово кај селото Ласкарци, во Основното јавно обвинителство – Скопје денеска се одржа работен состанок на претставници од надлежното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Бирото за судски вештачења, Машинскиот факултет во Скопје и на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија за да се обезбеди динамика во утврдувањето на сите релевантни факти и причините што доведоа до несреќата. Основното јавно обвинителство – Скопје во текот на денешниот ден започна со испитување на очевидците на настанот, а во текот на неделата свој исказ пред надлежен јавен обвинител ќе даде и возачот на автобусот – се вели во соопштението на ОЈО.

Од Министерството за внатрешни работи до Обвинителството денеска биле доставени скицата, фотодокументацијата и други писмени прилози во поглед на сообраќајната несреќа, а во текот на денот ќе биде доставен и записникот за извршениот увид на местото на настанот. Од ОЈО потсетуваат дека претходно, постапувајќи по првичното известување од Министерството за внатрешни работи, доставено во петокот, Обвинителството уште истиот ден изработило наредби за обезбедување други писмени докази од правното лице „Дурмо турс“ – сопственик на автобусот, како и од ресорните министерства за транспорт и врски и за внатрешни работи. До Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија беа доставени наредби за обдукции на сите починати лица, а од здравствените установи беше побарана комплетната медицинска документација за повредените. Од ОЈО и претходно информираа дека ги побарале листите од мобилниот телефон на возачот, како и вештачење за самиот телефон за да се утврди дали во критичното време возачот активно користел некоја од комуникациските врски на тој телефон. До Машинскиот факултет во Скопје во петокот беше доставена наредба за вештачење на техничката исправност на автобусот во моментот на несреќата. С.К.