Обидот на Борче Ристевски (55) за измама на полицијата и на семејството за време на истрагата за исчезнувањето на неговата сопруга Карен, беше детално опишан во документите објавени од Врховниот суд на австралиската сојузна држава Викторија, но судијата Кристофер Бил одлучи дека доказите не покажуваат оти Македонецот од Мелбурн имал намера да изврши убиство, објавуваат австралиските медиуми.
Судските документи вклучувале детали од полициското прислушување на телефонските разговори на Ристевски, во кои тој предупредува дека „го следат“, истакнувајќи ја можноста за купување на нови СИМ-картички. Во нив се укажува на недоследности во изјавите на Ристевски, врз кои беше темелен случајот против него. Тој првобитно тврдеше дека Карен излегла на прошетка по нивна расправија, а ја менуваше и приказната за користењето на автомобилот на денот кога исчезна неговата сопруга. Обвинителството посочи и дека тој одбивал да сораборува во текот на истрагата. Наводните финансиски проблеми на семејниот бутик за облека беа поврзувани со случајот од страна на полицијата.
Македонецот се соочи со обвинението за убиство на тогаш 47-годишната сопруга Карен, која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки биле пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година.
Ристевски избегна доживотен затвор, признавајќи дека е виновен за убиство без умисла, за што максималната казна изнесува 20 години. Правните експерти сугерираат оти тој би можел да добие и поблага казна. Обвинетиот ќе има можност да се обрати пред судот, во пресрет на изрекувањето на пресудата кое е закажано за 27 март. М.Ж.