Полицијата во текот на вчерашниот ден и изминатата ноќ при зајакната акциска контрола на подрачјето на Скопје открила 26 возачи кои управувале возило под дејство на алкохол и 69 возачи кои ја пречекориле брзината на движење.
Од МВР информираат дека во текот на изминатата ноќ на подрачјето на Скопје во најголем дел на улиците „Димитрија Чуповски“ и „Јордан Мијалков“ со специјално возило „пајак” се подигнати 27 возила кои биле непрописно паркирани.
Акциската контрола за откривање возачи кои управувале возило под дејство на алкохол на подрачјето на Скопје, Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи Скопје ја спровело во периодот од 23 часот вчера до 05 часот денеска, при што биле контролирани 159 возачи, a кај 26 било утврдено присуство на алкохол. Откриени се и 51 останати прекршоци.
Во однос на управување на моторни возила со брзина поголема од дозволената вчера во периодот од 6 до 22 часот спроведена е акциска контрола, при што констатирано е дека 69 возачи ја пречекориле брзината на движење и издадени се мандатни платни налози. Дополнително биле констатирани и 46 останати прекршоци, за кои се издадени 29 мандатни платни налози и 17 прекршочни платни налози.