Полицијата откри импровизирана работилница за оружје во скопска Топаана, приведени се две лица. Според информациите на МВР, вчера се приведени А.Ј.(46) и С.Ј.(73), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
– По претходно обезбедена наредба од Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје извршен е претрес на дом и помошни простории кај А.Ј., каде била лоцирана импровизирана работилница за изработка и поправка на оружје и муниција, при што биле пронајдени 6 ловни пушки, 3.215 парчиња муниција за огнено оружје, 67 механизми и делови од огнено оружје за пушки, 3 цевки за пушки, 74 делови од разновидно оружје, 9 затварачи за пушки, 22 кутии со разновидни механизми за пиштоли, една дигитална вага за мерење на барут – велат од МВР.
Претрес бил извршен и кај неговиот татко С.Ј., кој во моментот престојувал во викенд куќа во село Раштак, при што биле пронајдени: една полуавтоматска пушка, една ловна пушка, еден сигнален звучен револвер, шест цевки за оружје, три дрвени кундаци, 1604 куршуми со долго зрно, 101 куршум ловна муниција калибар 12 мм, затворач за оружје, куршуми маневарска муниција, 499 куршуми ловна муниција кал.16мм, четири пакувања со иницијални каписли.
А.Ј. и С.Ј. се приведени во пoлициска станица и по документирање на случајот против нив ќе биде поднесена кривична пријава.