По пресудата на Кривичниот суд во Скопје, кој го осуди на казна затвор од осум години, поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески се огласи со отворено писмо до домашната и меѓународната јавност, нагласувајќи дека не го признава како што вели „трас трас“ судството и оти својата невисност ќе ја докаже во судот во Стразбур, ако не може во македонските судови. Во продолжение, во целост го пренесуваме писмото на Талески до јавноста. М.М.
Долго ги почитував сугестиите на адвокатите кои од мене побараа да не ги коментирам јавно деталите за судскиот процес, заради коректност и заштита на постапката. Судската постапка е завршена, донесена е пресуда. Пресудата беше јавно соопштена.
Сите обвинети бевме прогласени за виновни. Прочитав многу различни реакции во врска со тоа. Како поранешен градоначалник на Битола во три мандати чувствувам лична обврска и одговорност јавно да се произнесам за ова.
Наметнатата законска обврска за слободен превоз на учениците, заедно со својот тим ја имав исполнето максимално законски и ја организирав на најдобар можен начин. За разлика од денешната состојбата за превоз на ученици во новата локална самоуправа, за која секако е само прашање на време кога некои нејзини претставници ќе бидат повикани на одговорност, Битола во тоа време беше пример за добро организиран превоз на ученици во цела Македонија. Лага е дека во нашиот случај се работи за кривично дело или за прибавена имотна корист. На нашите ученици им обезбедивме сигурен и безбеден бесплатен превоз и не дозволивме никакви пропусти. Сите беа задоволни од тоа и сите во судската постапка сведочеа дека тоа е така.
Пресудата за „Транспортер“ која е донесена од Кривичниот суд во Скопје нема да ја коментирам , но заради вистината за која судот не беше заинтересиран, морам да кажам дека пресудата е резултат на политички прогон и монтиран политички процес
против мене, а не е заснована на реални факти и докази. Државниот правобранител, како надлежен орган за заштита на имотот на државата, во својство на сведок во „Транспортер“ достави писмени докази и со тоа потврди дека во овој предмет не е
направена никаква штета. Ги достави документите од Министерството за финансии и Министерството за образование и наука. Иако немал надлежност да врши проценка за општината, заради спецификата на овој случај, тој достави документ со кој потврди дека не е направена никаква штета и на имотот на општина Битола. Доказите му ги предаде на судот. Ако не постои оштетно побарување од надлежните институции, во
тој случај не постои ни сторено дело. Во тој случај нема основа за кривично дело. Тоа е исто како да осудите некого за убиство, а не постои убиен, не постои жртва.
Не постои никаква штета бидејќи законски прокнижениот долг на училиштата како обврска кон општината е уплатен во Буџетот на општината. Финансиската штета со која оперира судот не постои. Таа е лажна. Бројките се земени од нецелосниот, нестручен и погрешен Вешт наод кој што е изработен по нарачка на СЈО. Вештиот наод, намерно или случајно е погрешен, контрадикторен и со погрешен метод на проценка . Критериумот со кој оперира општината е „цена по ученик“, а критериумот применет во Вештиот наод е „цена по авто ден“ со што се добиени погрешни заклучоци. Иако укажувавме на ова во текот на постапката, сепак тоа до крајот не се корегира и пресудата се базираше врз сите погрешни податоци во Вештиот наод. Иако таа работа вештите лица треба да ја работат за плата, сепак тие незаконски биле дополнително платени од Катица Јанева и се офајдиле со дебели незаконски хонорари исто како и обвинителите на СЈО предводени од Катица Јанева. Списокот на имиња и
висината на нивните хонорари беше јавно објавен. Всушност тие имаат и кривични пријави за нивното незаконско работење, но заради заробеното судство и обвинителство во моментов нема кој да постапи.
Апсурдот е и во тоа што јас сум осуден на осум години затворска казна за начинот на организирање на превозот на ученици, а таквиот начин на организирање на превозот, од страна на сегашната власт на СДСМ е преземен од нас и е внесен во Закон за измени на законот за превоз во сообраќајот во членот 22 б и сега е законска обврска за сите општини. Дали тоа значи дека и Владата и сите општини денеска, вклучувајќи ја и општина Битола, прават криминал?
Со незаконски изречените казни судот ја уништи вистината, а судскиот систем кој насилнички функционира и во време на вонредна состојба во државата е директна алатка на власта во функција што подолго истата да остане на власт и ригорозно да се
пресмета со своите политички противници и лично да им наштети.
На почетокот бев убеден дека судот ќе биде правичен и дека ќе биде заинтересиран да ја открие вистината. Бев редовен на сите судски рочишта бидејќи докажувањето на вистината беше мојот најсилен аргумент. Судскиот процес беше сѐ, само не потрага по вистината. Процесот беше заедничка борба во заедништво на обвинителството и судот за изнаоѓање начин како лажното обвинение на СЈО судот да го легализира и тоа да стане вистина. Сѐ беше лага. Сѐ беше циркус за јавноста. Всушност ние немавме суд.
Обвинителството и судот функционираа како две тела споени во едно, на нивно заедничко и големо задоволство.
Ние немавме суд, туку имавме само обвинители. Со текот на процесот ситуацијата стана јасна и повеќе од очигледна. Иако процесот беше завршен многу порано, а законскиот рок за објава на пресудата е три дена, судот одлучи пресудата да ја објави после 20 дена, односно на 31 март. Тоа не беше случајно, пресудата требаше да биде дел од кампањата во корист на СДСМ за предвремените парламентарни избори кои
требаше да се одржат на 12 април. Џабе беа потрошени неколку години и џабе се правеа толкави финансиски трошоци. Судот не зеде предвид ни еден наш доказ и
не ни дозволи супервештачење. Судот не сакаше да ја види едноставната ситуација дека со измените на Законот за средно образование со кој средното образование стана задолжително, се почна со првата генерација за бесплатен превоз на ученици и дека со секоја следна учебна година се запишуваа деца од следната генерација и дека се зголемуваше бројот на ученици кои користеа бесплатен превоз и дека со тоа
нормално се зголемуваа трошоците.
Судскиот процес беше ловење во матно, а не барање на докази и аргументи за откривање на вистината. Овој суд не докажа дека сум виновен и дека сум сторил кривично дело, туку без докази незаконски ми изрече казна. Јас овој „трас-трас“ суд не го признавам. Македонија заслужува подобро и повеќе. Ќе дојде и тој ден. Силно верувам во тоа.
Драконската казна што ми ја изрече заробеното судство не е доказ дека сум сторил кривично дело, туку е доказ дека судството спроведува политички прогон и незаконски ме осуди пред очите на целата јавност и пред очите на претставниците на меѓународната заедница. Сигурен сум дека и тие, странските амбасадори во Македонија веќе се огорчени од ваквиот политички прогон, ваквото судство и ваквото практикување на власта. Тие постојано во своите извештаи потенцираа потребата од позитивни промени во правосудниот систем и и’ помагаа на Македонија за побрзо
интегрирање во европското семејство. Но сега и тие гледаат дека се работи за политички линч. Се надевам дека ќе одговорат на нашата покана кога ќе ги повикаме да присувствуваат на јавната расправа во Апелациониот суд кога ќе се расправа за „Транспортер“, за лично да се уверат во нашите докази.
Јас немам направено никакво кривично дело и тоа ќе го докажам на повисоките судови. Се надевам дека во повисоките судови има професионални судии кои ќе ја ценат вистината, доказите и аргументите и ќе одлучуваат според тоа, а не според политичкото или личното нетрпение кон некого. Се надевам дека ќе се најдат неуценети и некорумпирани судии кои ќе работат според законите во државата. Во потрага на докажување на вистината ќе ги употребам сите расположливи законски можности и во тоа целосно ќе се посветам вклучувајќи го и Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Со почит
Владимир Талески