Скопското обвинителство отвори истрага против едно лице за обид за убиство во селото Арнакија.
На 30 август минатата година, осомничениот пред кафе бар на влезот во селото Арнакија со умисла се обидел да убие едно лице. Според информациите од обвинителството, тој заедно со уште едно лице застанале со автомобил „фолксваген голф“ на автобуската станица во селото и започнале вербална расправија со трето лице, кој е сведок во истрагата.
Двајцата излегле од возилото држејќи пиштоли во рацете, по што сведокот започнал да бега. Оштетениот го видел настанот и се обидел да ја смири ситуацијата, повикувајќи ги да застанат. На ова, осомничениот испукал кон него 3-4 проектили од пиштолот и му нанел три огнострелни повреди.
Повредениот почнал почнал да бега, а осомничениот се впуштил кон него и испукал уште неколку проектили, но не успеал да го погоди. Откако на местото веднаш се собрале и поголем број други луѓе, двајцата вооружени побегнале. По настанот, осомничениот повеќе од четири месеци бил недостапен за органите на прогонот.
Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да го повтори или да го доврши обиденото кривично дело, како и да влијае врз сведоците во постапката, јавниот обвинител до судот достави предлог за определување мерка притвор.