Со три доживотни казни затвор за извршителите и ослободителни пресуди за другите обвинети во случајот „Ровер“ заврши судењето за овој случај, за кој третпат се судеше во Кривичниот суд во Скопје. Судијата Илија Трпков изрече ослободителна пресуда за ексминистерот за внатрешни работи, Љубе Бошкоски.
Предметот за случајот „Ровер“, во кој обвинет беше поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, третпат почна од почеток со судење во 2015 година.
Обвинението за „Ровер“ е за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев, што се случи во Скопје во јули 2001 година. Основниот суд Скопје 1 во ноември 2014 година во повторена постапка донесе пресуда со која повторно ги прогласи сите десетмина обвинети за виновни.
Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, тогаш беше осуден за помагање убиство и доби 10 и пол години затвор, Зоран Трајковски доби осум и пол години затвор, Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ добија по седум години затвор, а на Гоце Митревски и Никола Негриевски им беа изречени затворски казни од шест години затвор.
Првите тројца обвинети, пак, кои според Обвинителството се директните извршители на убиството, во отсуство беа осудени на доживотна казна затвор. Четвртообвинетиот Вук Вукичевиќ, исто така странски државјанин, кому му се судеше во отсуство, за помагање доби 15 години.