Надлежните, наводно, се вмешани во недозволен риболов на заштитени видови на риби во Охридското Езеро, според информациите од теренот, со што како да се повторува слична ситуација од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) каде што оние задолжени за спроведување на законот, всушност први го прекршуваат.
Езерската полиција во Охрид ноќеска привела две лица кои бесправно ловеле риба, при редовна патрола во Охридското Езеро. МВР соопшти дека станува збор за охриѓаните Т.Т. (53) и А.Ф. (50) кои биле затекнати во бесправен риболов со мрежа, на охридски крап, на подрачјето од рекреативната зона „Мазија“, каде што е забранет стопански риболов, од страна на службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“. Приведените се повикани на разговор во полициската станица и против нив ќе биде поднесена пријава според Законот за Рибарство и Аквакултура.
Фирмата „Летница Белвица“ е концесионер што наредните шест години ќе стопанисува со рибниот фонд на Охридското Езеро. „Летница – Белвица“ е во сопственост на стружанецот Милорад Чавковски кој беше одговорно лице на струшката подружница на претходниот „Пастрмка 2012“.
Во изминатите неколку години низ Охрид се зборува дека организирана група лови риби на диво, во езерото кое треба да е под заштита на концесионерот Чавковски.
Според последните неофицијални информации, денеска во Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство итно бил свикан состанок на кој, наводно, ќе се разгледува можноста за одземање на концесијата за стопанисување со рибниот фонд на Охридското Езеро.