Денешното рочиште за предметот „Тврдина-Таргет“ е одложено поради влошената здравствена состојба на обвинетата Надица Николиќ. Адвокатот Љупчо Шврговски изјави дека матичниот лекар ја известил Николиќ оти лекувањето ќе трае 10 до 15 дена, истакнувајќи дека кај обвинетата е дијагностициран акутен бронхид, поради што таа прима антибиотици.
Денешното отсуство на обвинетата беше оправдано од судот, но Кривичниот совет нагласил дека тоа не се однесува и за следното рочиште предвидено за петок.
Обвинети во овој предмет се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и неколку вработени во поранешното УБК кои се товарат за нелегално прислушување на над четири илјади телефонски броеви во периодот меѓу 2008 и 2015 година.
Рочиштето за предметот „Моќник“ исто така беше одложено, за 25 јануари, поради отсуство на еден од обвинетите поради ковид-19.
Денеска во судницата беше присутен Антонио Милошоски кој е обвинет заедно со уште 12 лица за продажбата на објект во село Ижишта-Општина Македонски Брод, кој го користела општина Пласница. Прво и второобвинетиот според обвинителството се товарат дека сториле измама, а третообвинетиот дека сторил измама и злоупотреба на службената положба и овластување. Опфатените 10 лица се товарат дека сториле злоупотреба на службената положба и овластување, според обвинителниот акт.