Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје ги одби жалбите на Никола Груевски и на неговите адвокати и го потврди решението на судијата за извршување санкции со кое поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ треба да се јави во затворот „Шутка“ за издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“.
Како што соопшти Судот, Решението е испратено до странките во постапката и е извршно веднаш по приемот од странките.
-По добиени повеќе прашања од медиумите, ја информираме јавноста, дека Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по жалби истакнати од одбраната и обвинетиот во предметот со КОК бр. 59/17, од обвинителството означен како „Тенк“, изјавени против решението на судија за извршување санкции, денеска одржа седница на која по ценење на фактите и доказите во жалбите донесе решение со кое ги одби жалбите и го потврди решението на судијата за извршување санкции, наведува Судот.
Груевски вчера требаше да се јави на издржување на затворската казна. Но тој и неговите адвокати поднесоа жалби против решението на судијата за извршување санкции кој постапува по предметот.