Култната серија „Пријатели“ заврши во 2004 година, но нејзината популарност не престана, бидејќи многумина не само што и сега се навраќаат на епизодите туку се сеќаваат на неа доколку сакаат да го аранжираат просторот, да облечат нешто интересно или да направат фризура како онаа на: Рејчел, Фиби и Моника. Меѓутоа, она што исто така ја одбележи оваа серија секако беа и кулинарските вештини на главните ликови.
Шпанското издание на „Вог“ објави дека обожавателите на оваа серија ќе ги израдува веста дека е објавен готвач насловен „Пријатели: официјална книга со рецепти“, во кој се наоѓаат сите познати специјалитети што гледачите имаа можност да ги видат во ова легендарно телевизиско остварување.
Освен познатата кулинарска незгода што ја имаше Рејчел, кога се обиде да го направи десертот „труфл“, со необична комбинација на состојки, од џем до кромид, тука се и поуспешните рецепти како бисквитите според рецептот на бабата на Фиби, но и менито од првиот богат ручек што го приготви Моника за Денот на благодарноста. Овој готвач го изработи Аманда Је и содржи дури 70 рецепти, почнувајќи од предјадења, преку главни јадења, до десерти и пијалаци. Меѓутоа, она што е посебно и најдобро во врска со книгата е дека со секој рецепт оди и епизодата во кој се споменува, а со самото тоа уживањето во приготвувањето на јадењето ќе биде поголемо. Готвачот ќе биде достапен на Амазон од 22 септември, но веќе отсега може да се резервира.