Обвинителството до Кривичниот суд Скопје достави обвинение против едно лице, кое се товари за убиството на Бурим Идризи, кое се случи пред речиси две години на автобуска постојка на улицата Џон Кенеди во Скопје наспроти училиштето „Цветан Димов“.
– Обвинетиот со умисла го лишил од живот Идризи, а ги довел во опасност и животите на уште тројца други оштетени. Додека сега починатиот со другите оштетени стоел на постојката, обвинетиот со автомобил „застава југо“ застанал од спротивната страна на коловозната лента и излегол од возилото со огнено оружје во рацете. Тој ја претрчал коловозната лента, се доближил до жртвата и испукал кон него 20 куршуми. Притоа, Идризи добил повеќе огнострелни повреди, кои резултирале со брз смртен исход, а телесна повреда добил и еден од оштетените – информираат од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител до судот достави и посебен предлог за продолжување на определената мерка притвор за обвинетото лице бидејќи постои опасност од бегство, како и околности што упатуваат дека тој би можел да го повтори кривичното дело.
Обвинетиот веднаш по настанот се даде во бегство и речиси две години не им беше достапен на органите на прогонот.