Во Кривичниот суд за денеска се закажани нови рочишта за предметите на СЈО „Топлик“ и „Тотал“.
Минатото рочиште за „Топлик“ беше одложено поради болест на обвинетиот Димитар Димовски, за што неговиот адвокат достави лекарска потврда.
Во „Топлик“ се осомничени поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет лица за продажба на градежна парцела во скопско Сопиште.
Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс Сончев град во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.
Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.
Во Судот денеска треба да се одржи и главна расправа за предметот „Тотал“, во кој е осомничен новинарот Драган Павловиќ-Латас за затајување данок.
Според обвинението, осомничениот давал лажни податоци во завршните сметки и даночните пријави при што преку правните лица затаил данок во износ од 7.466.981 денар или 121.414 евра, а лично физичкото лице затаило 3.876.471 денар или 63.032 евра.
Поради отсуство на Павловиќ-Латас, минатото рочиште беше одложено, за што до Судот неговата одбрана достави доказ од клиника.