Eкс градоначалникот на Битола Владимир Талески, против кој веќе се водат неколку судски постапки доби нова кривична пријава.

Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава против Владимир Талески за сторено кривично дело „несовесно работење во службата”.

Битолската полиција го терети Талески дека наводно во периодот од 2015 до 2017 година, тој спротивно на Законот за локална самоуправа дозволил две правни лица да бидат ослободени од плакање месечен надомест за вршење линиски превоз на патници во општина Битола, со што и нанел штета на општината во висина од 799.200 денари.

Покрај ова, Талески се терети дека со потпишување на договори со превозници и правни лица кои користат услуги, неосновано створил побарување на општината од 11.329.253 денари.

Исто така, тој по завршувањето на проектот „Реконструкција на автобуски стојалишта” не презел дејствија за вршење на надзор за одржување на автобуските постојки, стои во кривичната пријава на СВР Битола.

М.М.